Македонија
(Видео) На потег се пратениците, кои треба да ги надминат партиските разлики, порака по средбата на Шекеринска со Хан и Готемелер
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, во Брисел,, по официјалното отворање на процесот на пристапните разговори на Македонија со НАТО, имаше одвоени средби со заменичката на генералниот секретар на алијансата, Роуз Готемелер, и со еврокомесарот Јоханес Хан.
На средбите Шекеринска посочи дека по еден од најважните моменти на иднината за земјата, добивањето на поканата за членство на Македонија во НАТО, државата е фокусирана на започнатите пристапни разговори за кои изрази очекување дека ќе се одвиваат брзо, ефикасно и квалитетно.
„Вложивме големи напори за Македонија да биде целосно подготвена за пристапните разговори. Имаме големо искуство и огромна волја овие разговори да се завршат што побргу и паралелно со исполнувањето на домашните обврски од договорот со Грција, Македонија да го заземе своето заслужено место како полноправен член на алијансата. Почетокот на пристапните разговори е потврда дека процесот продолжува, немаме дилеми дека сме на вистинскиот пат“, изјави Шекеринска на средбата со заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер.
Шекеринска истакна дека граѓаните на Македонија се убедени оти влезот во НАТО значи стабилност, сигурност и просперитет за целиот регион и дека тоа е едно од прашањата за кои постои целосен консензус и обединетост во Македонија. Таа исто така изрази и очекување дека сите пратеници треба да ја поддржат европската и евро-атлантската перспектива на Македонија.
На средбата со министерката Шекеринска, Готемелер рече дека поддршката од НАТО за Македонија продолжува и дека за членството на Македонија во НАТО нема план Б, освен имплементацијата на договорот од Преспа. Заменичката на генералниот секретар на НАТО рече дека сега сè е во рацете на пратениците – во овој историски момент да ја реализираат стратешката определба на Македонија за интеграција во НАТО.
На средбата на Шекеринска со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, пак, беше потенцирано дека преспанскиот договор е единствената гаранција за реализација на аспирациите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. На потег се пратениците, кои треба да ги надминат партиските разлики и да дејствуваат за иднината на државата, се согласија соговорниците и заклучија дека е тешко да се верува оти во иднина ќе има подобар договор за решавање на спорот и подобра можност за Македонија од оваа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.