Македонија
Владата: Бугарија го потврди ветото, изневерeни се европските вредности и очекувањата на нашите граѓани
Владата, по повод денешните заклучоци на Комитетот на постојаните претставници (КОРЕПЕР), изразува разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година за време на германското претседавање со ЕУ.
За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да почнат преговорите.
Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ.
Изневерени се оправданите очекувања на нашите граѓани, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки. Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериозно продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа.
Барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта што немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори.
Остануваме посветени на дијалогот со Софија и барање заемно прифатливо решение. Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара.
Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Спремни сме за поактивна имплементација на договорот. Имаме дадено предлог-акциски план за проекти меѓу двете држави, кои може да ја унапредат соработката во разни области (економија, инфраструктура, култура, образование и друго).
Секогаш ќе се бориме против говор на омраза. Провокации не се во интерес на никого и мораме да одржуваме цивилизиран и европски дијалог на сите нивоа. Да не влегуваме во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ.
Без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати во процесот на интеграција во ЕУ за кои од Брисел стигнуваа признанија, Владата на Северна Македонија останува посветена на истиот стратешки колосек како и досега. Нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: постигнување и одржување добрососедски односи, активно учество во НАТО како рамноправна членка на алијансата и непоколеблива аспирација за членство во ЕУ.
Дома нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот. Со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Изборниот ден тече мирно со регистрирани помали инциденти
До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
Македонија
Со УВ ламба и спреј ќе продолжи гласањето на избирачки места во Кочани, Охрид и Куманово
На едно избирачко место во Кочани, едно во Охрид и едно во Куманово, каде што утрово беа пријавени технички проблеми со биометриските уреди, гласањето ќе продолжи со УВ ламба и спреј. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски рече дека на сите останати места гласањето се тече без проблеми.
„Што се однесува до избирачките места кои ова утро имаа проблеми со користење на техничките апарати, во три избирачки места се отстранети, а во три ќе се продолжи со гласање со УВ ламба и спреј. Тоа се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид и 1100 во Куманово. Само на тие места ќе се гласа на стариот начин бидејќи на сите други места гласањето е во ред“, рече претседателот Даштевски.
Технички проблеми со биометриските уреди утрово беа пријавени и на гласачки места во Тетово и во Гази Баба.
До 11 часот во ДИК стигнале 164 приговори за лично избирачко право. Од нив 50 се усвоени и на гласачите им е овозможено да го остварат правото на глас, седум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите се уште се во обработка.
Македонија
Одѕивот на претседателските избори до 11 часот е 12,87 отсто, а на парламентарните 13,69 отсто
Според податоците од 2080 избирачки места за претседател на државата до 11 часот гласале 12,87 отсто од гласачите. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека од вкупно запишани 1.096. 219 гласачи на овие избирачки места гласале 141.087 гласачи односно 12,87 отсто.
Најголем одѕив за претседателските избори има во Пробиштип 27,85 отсто, а најмал е одѕивот во Липково 1,76 отсто.
„Може да се забележи дека во Источна и Централна Македонија многу повеќе гласачи гласале на претседателските избори отколку во Западна Македонија каде што процентот е многу низок“, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.
До 11 часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите за парламентарните избори од 1.976 избирачки места. Од вкупно запишани 1. 030.092 гласачи на овие избирачки места гласале 140.990 граѓани. Одѕивот е 13,69 отсто. Најголем одѕив на парламентарните избори има во Кривогаштани 28.38 отсто, а најмал е одѕивот во Врапчиште 5,2 отсто.
Претседателот Даштевски речe дека споредено со парламентарните избори во 2020 година на денешните избори има зголемување на одѕивот од 2,69 отсто.