Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Павле Богоевски да направи тест за дроги и да докаже дека не е зависник
Павле Богоевски нема веќе никаков кредибилитет да биде пратеник и да ги лаже граѓаните со некакви пријави, велат од ВМРО-ДПМНЕ кога на руската мрежа vk.com беше објавена аудиоснимка за која се тврди дека на неа се слуша гласот на Богоевски како нарачува кокаин.
„Постојат отворени сомневања дека Богоевски зема наркотици и дека е можно неговите изјави, настапи и одлуки да биле под дејство на опијати. Павле Богоевски треба да излезе и да каже дали е зависник од дрога или не е. Единствен начин да го докаже спротивното е своеволно да направи тест за дроги и да ја увери јавноста дека е вистина тоа што го зборува. Доколку Богоевски одбие или не го направи тестот за дроги, тоа ќе биде јасен показател дека е зависник од дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, неговиот одговор дека барал масло од канабис, дури и да е вистинит, повторно значи дека Павле Богоевски сторил кривично дело.
„И да се работи за тешка дрога и да се работи за канабис, земањето и трговијата со тоа е кривично дело и по однос на случајот Јавното обвинителство треба да поднесе кривична пријава за Богоевски. Признанието на Богоевски е како крадец да се брани дека не украл пари во продавница, туку дека украл некој автомобил. И едното и другото се кривично дело и ниту едното ниту другото го амнестира од вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата очекуваат, Зоран Заев, како што велат, по директното признание од страна на Павле Богоевски дека извршил кривично дело, да побара негова оставка, но и од Богоевски да покаже морална и политичка доблест и да даде директна оставка од функцијата пратеник.
Богоевски потврди дека снимката е автентична, но дека не набавува кокаин, туку масло од канабис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.