Македонија
Димитров – Брегу: Земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со gенералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС), Мајлинда Брегу, која престојува во работна посета на Северна Македонија.
На средбата се разговараше за планот на активностите на Советот за регионална соработка, со акцент на приоритетите во наредниот период, кои се во насока на олеснување, промоција и унапредување на регионалната соработка, а се со крајна цел – европеизација на регионот.
Димитров нагласи дека во периодот кој следи Владата останува посветена на европската агенда во духот на добрососедските односи, со фокус на регионалната соработка, исклучително значаен сегмент за процесот на европеизација на регионот.
„За регионалната соработка да биде успешна, земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста. Заедничкиот ангажман со Советот за регионална соработка за намалување до конечно укинување на роамингот во земјите од Западниот Балкан ќе биде еден од директните бенефити за граѓаните на регионот“, порача вицепремиерот Димитров.
Соговорниците ја потенцираа важноста од непречено поврзување на регионот во повеќе области, што особено дојде до израз со ограничувањата предизвикани од пандемијата. Беа разгледани и плановите за спроведување на планираните активности на РСС за продлабочена соработка во единствена економска област во регионот, базирана на четирите слободи на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.