Македонија
Жан Митрев лут на ЗНМ, не очекував да добие награда сторија каде што вината не е докажана
Докторот Жан Митрев со отворено писмо до претседателот на Здружението на новинарите, Младен Чадиковски. Тој пишува дека го поддржува истражувачкото новинарство и се надева дека ЗНМ ќе успее да ги одржи високите стандарди на известување во медиумите, со, како што вели, подигнување на нивото на етика и одговорност на сите фактори во јавниот живот.
„Вчера, со разочарување ја прочитав веста за доделената награда на ИРЛ за сторијата што се однесува на мене лично и на мојата клиника. Може да кажам дека не очекував да добие награда сторија каде што вината не е докажана и каде што очигледно со ваквите постапки сум осуден и пред да заврши судењето. Јас како човек сум сигурен во една работа – дека немам вина во целиот инсцениран случај и затоа се борам да ја докажам вистината и Ви се обратив Вам лично да ми помогнете во таа борба. Моето барање беше едноставно – да ги заштитите Вашите колеги кои се на линч од нивните колеги поради обидите да ја претстават мојата страна на приказната. Тогаш се сеќавам дека ми се обративте дека треба да се објаснам со ИРЛ во врска со целиот случај. Јас премногу ја ценам Вашата професија и сметам дека како претседател на Здружението имате обврска кон Вашите колеги, но секако и кон јавноста. А јавноста има право да ги знае двете страни од приказната.
Не сакам да навлегувам во причините за тоа зошто токму сторијата на ИРЛ добила награда, каде што се прикажани само двајца од над 1.000 пациенти, кои лежеа на ковид-одделот, не сакам да навлегувам во семејни врски, туку само побарав од Вас став дека никој новинар не смее да биде попречуван во својата намера да објави некаква информација. Најмалку тој треба да биде попречуван од свои колеги, што беше случај во минатото. Очигледно моето барање не е научна фантастика, туку е изразување поддршка на секој новинар што сака да објави некоја сторија.
Јас не сум човек што затвора врати, јас сум човек што ја отвори вратата на клиниката да им помогне на илјадници луѓе. Јас не сум човек што е конфликтен, туку сум емотивен човек што вложил многу во клиниката и сум основоположник на приватното здравство во Македонија. Никој од нас не е совршен, но никој од нас не треба да осудува друг. Јас знам дека во случајот немам што да кријам затоа што не сум направил никаков криминал, никаква злоупотреба, но времето ќе покаже и тоа секогаш покажува кој бил на страната на вистината, а кој на страната на интригите.
Ви посакувам уште многу успеси во борбата за независно новинарство“, пишува Митрев во писмото до Чадиковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски: Треба да се пофали градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски и неговиот тим бидејќи има многу проекти
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 2, Владо Мисајловски, денес беше во посета на општина Гази Баба.
-Нови, позитивни работи во Гази Баба. Треба да се пофали градоначалникот Бобан Стефковски и неговиот тим бидејќи многу проекти има. Еве во последниве две години откако е тој градоначалник, можеме да бидеме сведоци на преку 30-тина игралишта, спортски и училишни сали. Многу реконструкции на патишта, водоводи, канализации. Вака навистина се сака Гази Баба и Македонија, рече тој.
Мисајловски потенцира дека е горд на тоа што ветувањата се реализираат.
-Сакам да ги повикам сите граѓани да ни ја дадат поддршката на 8-ми мај за ваквите проекти да продолжат. На 8-ми мај да ставиме печат на една голема историска победа, за да има повеќе средства за сите општини. 250 милиони евра годишно да се даваат на сите општини, вклучително и Гази Баба каде ќе можеме да видиме и други проекти, директно со помош од централната власт, истакна Мисајловски.
Тој потенцира дека промените се во рацете на народот.
-Примените се во твои раце, народе и Македонија останува твоја. Промените треба да ги започне секој еден од нас, порача тој.
Македонија
Гаши и коалицијата Вреди имаат посебна програма за иселениците и луѓето кои инвестираат во Македонија
Албанците кои живеат во различни земји во светот, ќе имаат придобивки од даночните олеснувања и поддршка за отворање бизниси во нивната татковина. Ова го предвидува планот на коалицијата ВЛЕН, кој Африм Гаши, претседател на „Алтернатива“ му го открил на претприемачот и активистот од Дебар, Ибрахим Колари, кој се вратил од Америка и инвестирал во својата татковина.
Во оваа прилика, Гаши покажа дека тој и коалицијата ВЛЕН имаат посебна програма за иселениците и луѓето кои инвестираат во Северна Македонија.
„Субвенционирање на таксите и даноците. За првите три години на сите оние кои живееле пет или повеќе години во странство и се враќаат да инвестираат износ од 50.000 евра или повеќе во отворање нов бизнис во Северна Македонија“, рече Гаши, покажувајќи и дека ќе има преполовување на данокот на добивка.
„Преполовувањето на данокот на добивка. Бизнисите отворени од иселениците ќе добијат поврат на даночниот процент врз основа на секторите во кои инвестираат (приоритетни ќе бидат новите технологии, преработката на храната и модерното земјоделство), но и врз основа на работните места што ги создаваат (приоритетни ќе бидат вработувањето на младите луѓе и жени)“.
Сепак, една од најинтересните точки што ги споменува Гаши е создавањето на Министерството за дијаспора, со кое ќе раководат кадрите од
дијаспората.
„Создавањето на структурата „Промотори на СМ“, преку која иселениците делуваат како економски амбасадори и привлекувачи на инвестиции. Посебни личности од јавниот живот и претприемачи од дијаспората ќе бидат назначени на позицијата Почесен конзул во соодветните земји, со цел да се влијае на подобрување на имиџот на земјата и сеопфатната комуникација на нашите иселеници со соодветните земји“.
Македонија
Мицкоски: Правилото победник со победник е прекршено, Владата ја формира мнозинството во парламентот
Жалам што сеуште раководството на ДУИ живее во некои времиња кој се минато во Македонија. Македонија е држава на сите граѓани во нејзе, ниту е федерација, ниту е би, три, четири национална држава. Македонија според Уставот е држава на сите граѓани, според демократијата оној кој има 61 пратеник ја формира идната влада во Македонија или ја формира владата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
„Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското не македонско население во Македонија. Мислам дека сите ние сме граѓани на Македонија, Македонци и ценам дека политиката не треба да се гледа како условно кажано шведска маса, па ДУИ малце ќе земе сега од СДСМ, малку од ВМРО, малку од некоја друга политичка партија“, истакна Мицкоски.
Како што додаде, ДУИ беше шест и половина години со СДСМ во владата, а СДСМ се поразени во првиот круг претседателски избори и очекува да бидат поразени и после парламентарните избори.
„Очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели од денес“, истакна Мицкоски.
Тој повторно нагласи дека демократијата се темели на принцип врз основа на тоа кој има мнозинството во парламентот ја прави Владата.
„Демократијата се темели на принципот кој има мнозинство во парламентот и ја прави владата, не знам за кој мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило победник со победник. Имаше едно правило во минатото победник со победник кој е резултат од минатото, тој договор и тоа правило за жал самите тие го прекршија уште во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не треба да ја гледаме како шведска маса па малку со едните, другите, третите. Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство како што се очекува немаме ниту елементарна доверба да соработуваме со ДУИ, така што тие мора да одат во опозиција“, дециден е Мицкоски.