Македонија
Игор Пехчевски ќе добие „трикафта“ во текот на јануари, најави директорката Нацева-Фуштиќ
Неколкумина пациенти со цистична фиброза денес ги почнаа последните подготовки и прегледи неопходни за да почнат да ја примаат терапијата со лекот „трикафта“. Директорката на ЈЗУ Клиника за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ, вели дека почнала реализацијата на планот по кој на секои десет дена по седуммина нови пациенти ќе ја добиваат терапијата.
„Неколкумина од планираните седуммина нови пациенти за следните десет дена се веќе на Клиниката. Се прават неопходните анализи и прегледи пред да почнат да ја примаат терапијата. Кај некои се потребни подетаљни анализи. Тоа се пациенти од приоритетната листа, која ја подготви комисија специјално формирана од министерот, во која јас, се разбира, не учествував и немам влијание. Нема место за стравување, сите пациенти од приоритетната листа ќе ја добијат терапијата во зависност од тежината на клиничката слика и состојбата во која се наоѓаат. Пациентот Игор Пехчевски, ако не е на листата за оваа недела, тогаш терапијата ќе ја добие во текот на јануари, односно од следната недела. Тој е пациент на Клиниката за пулмологија, не се води на Детската клиника, но комисијата, кога ја правеше листата, ја имаше предвид неговата состојба“, рече директорката Нацева-Фуштиќ.
Денес се почнати само подготовки за давање на терапијата со „трикфата“, а за да почнат да го даваат и лекот, директорката Нацева-Фуштиќ вели дека чека одговор од министерот, кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења.
„За да исклучиме секаков сомнеж за давање на терапијата, од министерот чекаме одговор, кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења. Кога ќе го добиеме и кога пациентите ќе ги завршат сите подготовки, ќе почнеме и со давањето на лекот“, вели директорката Нацева-Фуштиќ.
Пациентот Игор Пехчевски од Берово, кој минатата недела се пожали дека состојбата му се влошила и почнал да плука крв, за „Макфакс“ вели дека никој сè уште не му се јавил за примање на терапијата, а на пораките и повиците никој не му одговара.
„Испратив и порака и се обидов да ѝ се јавам и на директорката. Прашав за кога сум планиран за терапија, но одговор не добив ниту на пораката ниту на повикот ниту, пак, некој друг од Клиниката ми се јавил да ме извести кога ќе го примам лекот. Веќе долга борба водам и без работа сум сè уште, а по 200 евра месечно ми требаат за лековите што ги земам, ‘трикафтата’ е плус“, вели Пехчевски за „Макфакс“.
Стручната комисија формирана од министерот да направи листа на пациенти што треба да примат „трикафта“ го прегледала уште во јули. Ги направил сите снимања и прегледи и уште веднаш му кажале дека ги исполнува условите за примање на лекот.
Пехчевски од болнички кревет со транспарент в раце побара „трикафта“ за сите пациенти и се вклучи во борбата за обезбедување на лекот.
Тој е еден вкупно 55-те пациенти над 12-годишна возраст за кои комисијата утврдила дека ги исполнуваат условите да го примат лекот.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денес, по посетата на собата за доење во болницата во Тетово, рече дека набавката на лекот „трикфата“ е резултат на макотрпна осуммесечна работа откако тој е дојден на функцијата. За да им се реши проблемот до крај, останува да се одреди точна локација каде што ќе бидат згрижени. За нив има стручна комисија и утврдени се јасни протоколи по кое треба да се постапува во лекувањето.
Мината недела министерот извести дека со 100 милиони денари лекот е обезбеден за сите пациенти за неколку месеци, а со дополнителни 854 милиони денари лекот ќе се обезбеди за 2024 и 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

