Македонија
Повеќето од кривичните дела од омраза се по основ на етничка припадност
Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година Хелсиншкиот комитет регистрира вкупно 159 инциденти и кривични дела од омраза, од кои повеќето се по основ на етничка припадност.
Во најновиот извештај за криминалот од омраза за 2019 година се наведува дека зголемениот број инциденти извршени по основ на етничка припадност достигнува алармирачки 86 % од сите регистрирани инциденти.
Во извештајот пишува дека речиси сите инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци.
„Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција (освета) поради претходен инцидент, Најчесто еден инцидент ги исполнува битијата на две или повеќе кривични дела, па од тие причини бројот на кривични дела не соодветствува со бројот на инциденти“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.
Што се однесува до инцидентите предизвикани поради политичка припадност или убедување, не инволвираат луѓе како жртви.
„Наместо тоа, како жртви се јавуваат правни лица, што се должи на фактот дека повеќето од овие инциденти се однесуваат на оштетување имот и нанесување материјална штета. Политичките партии продолжуваат со поттикнување говор на омраза преку нивните јавни настапи за време на предизборните кампањи. Исто така, говорот на омраза во голема мера е користен во рубриките наменети за коментари во електронските медиуми што генерираат политички вести“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во годишниот извештај се наведува и дека покрај заложбите на Владата во насока на зголемување на заштитата на правата на ЛГБТ-заедницата, како и покрај изборот на нов државен јавен обвинител, случаите на дела од омраза сторени врз ЛГБТИ-заедницата во периодот од 2013 до 2015 година сѐ уште останале нерешени во Јавното обвинителство.
„Сѐ уште е нејасно дали властите ја препознаваат разликата помеѓу делата од омраза и говорот на омраза. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои се однесуваа на криминал од омраза, а беа усвоени во декември 2018 година, стапија во сила на 8 јануари 2019 година. Ова е многу значајна промена во законодавството и како резултат треба да покаже зголемување на кривичното гонење за криминалот од омраза. Во таа насока, согласно одговорите на барањата за пристап до информации упатени до МВР, се забележува дека првпат полициските станици експлицитно квалификуваа кривични дела како дела од омраза“, пишува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.