Македонија
О2 Иницијативата ја повика МПЦ да ја подари парцелата во Центар за парк
О2 Иницијативата преку јавен повик побара Македонската православна црква да се откаже од парцелата спроти „Холидеј ин“ и место згради таму да се изгради парк. О2 ја повикува црквата да не ги осудува децата на живот во гасни комори и да не дозволи материјалното да го засени духовното.
„Ве повикуваме плацот што го поседувате во строгиот центар на Скопје да го донирате за парк што ќе биде симбол на вера и љубов, она што на овој народ во овој момент покрај чистиот воздухот му е најпотребно. Практикувајте го она што го проповедате, вратете ја надежта на луѓето во добрината и духовноста. Не осудувајте ги нашите деца на живот во гасни комори, бебиња на борба за живот уште неродени, не нè терајте да молиме за воздух. Во име на тие деца и нивната иднина не правете ја оваа грешка, не давајте материјалното да го засени духовното. Конечно, и вие некогаш некому, на својот народ или на Бога, ќе треба да одговорите која е потребата на духовни лидери да се опкружуваат со материјални работи. Која е потребата до вашите црковнички титули да стојат суми испишани во евра? Во вашиот земски живот правевте добро или зло?“, стои во јавниот повик објавен на „Фејсбук“.
Од Иницијативата нагласуваат дека надежта е алката која во ова руинирано општество сè уште колку-толку ни ја држи главата над водата. Надежта за квалитетен живот, љубовта кон својот град и верата во добрината на сограѓаните.
Македонската праволсвна црква по пат на денационализација стана сопственик на парцела од 3.766 квадратни метри спроти „Холидеј ин“, кои ги отстапила на фирмата „Обновители“, која, пак, за возврат треба да изгради зграда во која МПЦ ќе има канцеларии. Сопственикот на „Обновители“, Зоран Антиќ, е сопственик и на „МГ Фешн“ која, пак, од државата ја откупи соседната парцела од 9 000 квадратни метри по цена од 312 евра за квадратен метар.
На земјиштето спроти „Холидеј ин“, иако почна расчистувањето на времените објекти, сè уште не може да се гради поради мораториумот за градење и ревидирањето на 30 детални урбанистички планови во општина Центар меѓу кои е и планот за ова земјиште. Граѓаните сметаат дека поради ревидирањето постои можност да побараат на просторот да се предвиди парк. Градоначалникот, пак, на општина Центар, Саша Богдановиќ, вчера изјави дека дали ќе се градат згради кои би биле со помала катност од сегашните 60 ката или, пак, просторот ќе добие друга намена ќе зависи од планот кој во моментов се подготвува. Тој најави дека нацрт-планот ќе биде изложен и граѓаните ќе имаат можност за забелешки. Треба да биде изготвен во следните два-три месеци.
Пренамена на двете парцели спроти „Холидеј ин“ јавно побара и ексдиректорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски, кој ги повика граѓаните да го одбранат просторот од згради по примерот на одбраната на ГТЦ од барок кога се организираше гушкање на трговскиот. Тој смета дека на просторот спроти „Холидеј ин“, кој сега се користи како паркинг, треба да се изгради плоштад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

