Македонија
Пендаровски: Казните за осудените за 27 април се заслужени и за тоа нема компромис
Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека не заговара преотворање на процесот и ново судење за обвинетите, туку тоа е законска обврска на судот доколку има нови докази предложени од одбраната, кои не биле дел од процесот. Претседателот рече дека со Мицкоски се соочил само дека таа законска можност за преотворање на процесот постои. За обвинетите рече дека не се судени за тероризам, туку за сосема друг член. Пендаровски рече дека за него тоа е терористичко загрозување на уставниот поредок според судскиот речник, но не тероризам.
Тој инаку посочи дека одвај 4-5 минути разговарале за настаните од 27 април.
„Политичката реторика врз основа на која тие пресуди беа врамувани и објаснувани, според мене, дополнително го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Според едната група и едното образложение, тие се терористи од рангот на Ал каеда и ИСИС, а според други, тие се уставобранители иако им е судено за загрозување на уставниот поредок, значи не го штителе, туку го рушеле Уставот. Мојата теза е дека ако вака продолжиме со политичка реторика, која е крајно спротивставена, не само што нема да дојдеме до национално или граѓанско помирување туку нема да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас, како што е сега ситуацијата. Со оваа моја теза не правам ревизија на судската пресуда бидејќи не гледам причина за такво нешто. Тоа е завршена работа, луѓето се во затвор, не велам дека пресудата е донесена без докази, туку зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите, кое не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата, во која нема да се гледаме како смртни непријатели. Мојот став е дека ако има нови докази, кои порано не биле познати, може да го преотвори процесот, не значи дека јас заговарам преотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од законот, со која тие луѓе, преку своите адвокати, со вонреден правен лек, може да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако тие постојат. Одлуката дали процесот ќе биде повторен сигурно нема да ја носи политички фактор, туку судот. Ја разбирам потребата за драматизирање и патетика, како и најавите дека средбата ќе помине со обид да се ревидира судскиот процес за 27 април или дека со средбата се врши притисок врз судството. Претпоставувам, ќе се сложиме дека е крајно необично притисок врз судот да се врши на јавна средба од кабинетот на претседателот. Тие притисоци се прават на поинаков начин и средства за што се убедивме од прислушуваните материјали“, рече Пендаровски.
Претседателот посочи дека осудените добиле заслужени казни и за тоа нема компромис.
„Во однос на случувањата од 27 април, јас го повторив мојот став дека помилување лица што направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид бидејќи вината им беше утврдена. Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа осудени за кривично дело тероризам, туку под друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствата со кои може да се изврши тоа дело се слични, можната казна е идентична. Инаку, за 27 април постои и пресуда за истите луѓе што беа дел од толпата и влегоа во Собранието и го претепаа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, тие беа осудени и добија високи казни, но не за тероризам, туку за убиство во обид. Или во случајот со напаѓачот со пратеничката, тогаш Радмила Шекеринска, со сцените што нѐ шокираа нас и светот, кому не му се судеше за тероризам, туку за насилство. Сите овие споменати направија страшни кривични дела. Оставија тешки трауми кај нападнатите и семејствата. Добија заслужени казни и тука нема компромис“, додаде Пендаровски.
На средбата со Мицкоски претседателот Пендаровски го информирал лидерот на опозицијата и за интеграциите во Европската Унија.
„Јас го информирав во однос на блокираните евроинтеграции. Му кажав дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивните избори. Во кратки црти му кажав што мислат, зборуваат, планираат нашите европски пријатели во Брисел за целата оваа ситуација“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

