Македонија
Пендаровски негира дека службената белешка за Камчев излегла од неговиот кабинет
Шефот на државата, Стево Пендаровски, е загрижен што службената белешка со назнака „строго доверливо“ од Агенцијата за национална безбедност, по која бизнисменот Орце Камчев доби притвор, излегла во јавност.
За лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, не е ништо чудно што документот излегол од институциите. Пендаровски одби да ја коментира содржината, а пак, Мицкоски, рече дека од неа се гледа оти Заев се пресметува со бизнисменот Камчев и затоа му е одреден притвор. Претседателот на државата рече дека белешката не излегла од кај него, иако ја имал во неговиот кабинет.
„Службената белешка од АНБ не можам да ја коментирам содржински. Јасно е од кои причини – има постапка и додека не заврши со правосилна судска пресуда, како граѓанин и политичар не би смеел да коментирам бидејќи е мешање во судството. Инаку, јас сум еден од неколкутемина корисници во државното раководство кој ја доби таа белешка на времето и можам да ви кажам дека примерокот што е објавен, по интерната истрага, не е излезена од мојот кабинет, ниту од службите под моја директна надлежност. Тоа ми е драго, но не ми е драго што такви висококласифицирани документи, независно од нивната содржина, излегуваат во јавност. Истрагата треба да покаже како е можно при прилично лимитиран број државни субјекти во сферата на судството и државното раководство, како е воопшто излезен тој документ. Ние сме една година членови на НАТО, многу ни е важно тие информации да ги читаат само оние за кои се наменети“, рече Пендаровски.
Мицкоски за службената белешка рече дека ако вака ни излегуваат документи од АНБ, тогаш многу бргу ќе го изгубиме државниот суверенитет.
„Не е првпат политички неистомисленици на Зоран Заев со половина лист хартија напишан на рака да бидат ставани во притвор или затвор. Затоа не ме чуди ова што излезе. Очекувам сѐ додека Зоран Заев е таму каде што е, секој неистомисленик што не потврдува со главата, не коленичи, не моли, како многумина, како што е последниот случај, еве овој бизнисмен. Тоа што излегуваат документи од државните институции, за тоа треба да се позанимаваат државните институции и луѓето што ги раководат тие институции. Треба кон некои од нив да има некакви консеквенции бидејќи ако вака ни излегуваат документи од АНБ или други витални институции, тогаш ние многу бргу ќе го изгубиме суверенитетот врз државата“, посочи Мицкоски.
Медиумите деновиве објавија дека Агенцијата за национална безбедност и Обвинителството за гонење организиран криминал веќе истражуваат како доверливиот документ заврши на социјалните мрежи. АНБ кажа дека ќе излезе со соопштение, а Обвинителството од почеток посочи дека документот не е излезен од кај нив. Тајниот документ го има и во Кривичниот суд, од каде што не одговараат на прашањето дали е можно од кај нив да е излезен документот во јавноста и дали е автентичен со оригиналот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда известува дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Македонија
Битиќи: Патриотски ќе одиме кон повисоки плати и пензии, кон „Едно општество за сите“
„Ова зад мене е Спомен-костурницата, симбол на прогресивното и мултикултурно Куманово, темелот на АСНОМ-ска Македонија. Градот кој во 2015 година го потресе трагедија која беше одраз на еден режим кој сакаше да ја скрши Македонија. Сеќавањата сè уште остро нè потсетуваат и опоменуваат на тие мрачни времиња кога ВМРО-ДПМНЕ ја држеше заробена државата во мрак исполнет со стравови“, вели во видео обраќање од Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој нагласува дека СДСМ седум години градеше општество на соживот, меѓусебно разбирање и почитување на различностите, притоа предупредувајќи дека „наследниците на режимот бараат повторно да се издигнат од пепелта, нивната шовинистичка политика повторно надвиснува над Македонија“.
Битиќи предупредува дека со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот национализам постои опасност државата да се врати во периодот кога имаше поделби на етничка и религиозна основа.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот национализам може само да се вратиме во времето кога вештачки се обидуваа да креираат поделби и раздори на етничка и религиозна основа. На овие парламентарни избори, секој глас за нив, е глас за времињата налик на тие од 11 години режим. Но наспроти нив, стоиме ние, СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, со кои, патриотски, а не националистички, ќе одиме кон повисоки плати, повисоки пензии и пред сè, кон Едно општество за сите“, вели Битиќи.
Македонија
ДУИ: Вокабуларот како оној на Мицкоски е агенда на Москва и Путин
Мицкоски и ВМРО почнаа со лажни вести да измислуваат, дезинформираат и оцрнуваат се што е албанско. Ни помалку ни повеќе, денес, Мицкоски во стилот на лажни вести и заслепен од желбата за власт ја обвинува ДУИ и Али Ахмети дека организирале вооружена група некаде во Чаир и Бутел, велат од ДУИ.
ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за подбуцнувачкиот вокабулар на меѓуетничка омраза на Мицкоски една недела пред 8 мај, денот кога Европскиот фронт ќе ја одбележи својата длабока победа.
„Свесен и исплашен дека нивните слуги од албанската опозиција ќе претрпат длабок пораз, Мицкоски намерно ги загрозува меѓуетничките односи предизвикувајќи страв од дестабилизација на ситуацијата, која е желба и главна цел на проруските центри во Северна Македонија. Во оваа прилика, ДУИ и Европскиот фронт ги повикуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност, да не станат плен на измислици и поттикнување меѓуетничка омраза, бидејќи вокабуларот како оној на Мицкоски е агенда на Москва и Путин, кои сакаат да ја дестабилизираат Северна Македонија посебно, а и регионот во целина“, дополнуваат од ДУИ.
Потсетувааат на мислењето дека кога ДУИ организирало избори во последните години, тие секогаш биле слободни, демократски и меѓународно прифатени.