Македонија
СДСМ Скопје против Арсовска: Загадувањето на воздухот не е намалено заради ветрот, туку заради мерките на градот
Арсовска продолжува да ги манипулира Скопјани со шарени лаги и ветувања за невозможни проекти. Загадувањето на воздухот во Скопје според официјалните мерења е намалено од 71 mg/m3 на 48 mg/m3 ПМ10 честички за само четири години, што е пад на просечната вредност од 33% од последната година на Скопје со Коце Трајановски, велат од СДСМ Скопје.
„ Загадувањето не е намалено заради ветер, туку заради мерките што континуирано ги спроведуваа Град Скопје и владата.
Досега Градот Скопје додели над 7.500 инвертери, и изгаснати се 10.000 активни оџаци во Скопје. Поради намалената цена за топлинска енергија, околу 2.000 исклучени домови повторно се приклучија кон централното парно греење. На 100 државни згради им се сменети котлите за греење и елиминирани се како загадувачи. Дрисла е вратена во рацете на градот, а огромен број диви депонии се санирани, а дел се претворени во градски паркови“ соопштија од СДСМ Скопје.
Оттаму додаваат дека загадувањето во Скопје и натаму ќе продолжи да паѓа со нови 5 милиони евра за субвенции за инвертери, со зголемување на бројот на велосипедски патеки и субвенции за велосипеди, со воведувањето на брз автобуски превоз со ултраеколошки еко-автобуси, како и со постепено отстранување на тешката индустрија од Скопје во новиот ГУП.
Тоа се мерки кои што даваат конкретни резултати, и затоа воздухот во Скопје е многу почист отколку пред 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ предизвика еколошка катастрофа во Скопје, порачаа од СДСМ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

