Македонија
Советот за македонски јазик предлага вработување лектори во сите државни институции
По серијата одржани подготвителни состаноци и седници, на кои се разговараше за унапредувањето на состојбата на македонскиот јазик и македонистиката, Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата, чиј претседател е Људмил Спасов, почнува јавна расправа за консултации за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Од владината прес-служба информираат дека со предложениот закон со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други фактори во општествениот живот во земјата, како во државниот така и во приватниот сектор.
Со предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високошколски образовни установи во два семестра, што не беше практика досега. Првпат, како што информираат од Владата, се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.
„Во согласност со измените на предложениот закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега. Ова особено се однесува на соседните држави на Република Северна Македонија, како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција“, соопшти владината прес-служба.
Исто така, во новиот закон се предлага македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Република Северна Македонија во странство како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората.
Од Владата појаснуваат дека нацртот на новиот закон за употребата на македонскиот јазик има цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа, туку има и функција на привлекување на сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците.
„Новиот закон е во насока на нашиот јазик за евро-атлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа. Со ставањето на новиот закон на широка расправа пред јавноста, Советот за македонски јазик при Владата на Република Северна Македонија апелира за обединување и здружување во афирмацијата на македонскиот јазик во земјата и странство кај сите граѓани на државата“, се додава во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.