Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од Карпош без струја
ЕВН Македонија АД и Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, ги известува граѓаните дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· Во период од 09:00 – 12:00ч дел од корисниците во с. Бардовци ( о.Карпош);
· Од 09:30-14:00ч корисниците од ул.Дрезденска (о.Карпош).
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.