Македонија
Утре претежно облачно и посвежо со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде претежно облачно и посвежо со врнежи од дожд. На места врнежите ќе бидат пообилни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 23 степени.
Во Скопје, облачно и посвежо со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Од недела ќе преовладува стабилно и потопло време со умерен до засилен ветер од западен правец, освен во вторник кога ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и појава на грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петрушевски: Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога

Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога во последните неколку месеци, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во што се претвори СДС? Здружение на наркодилери и конзументи? Или нивен заштитник? Имено пред 3 дена, Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС, е фатен со 12 пакувања кокаин и кеш. Ова е трет партијаш по Јон Фрчкоски и Андон Стојков кој за само неколку месеци е фатен со дрога“, рече тој.
Петрушевски прашува дали СДС и Венко Филипче ќе се откажат од Слаѓан Марковски или ќе се кријат како што се криеја за Андон Стојков?
„СДС е партија која се претвори во заштитник на криминалци. Венко Филипче има шанса и денес да се откаже од наркодилерите во неговите редови. Ако тоа не го стори, повеќе од јасно е дека нема интерес од тоа, и дека интересот се крие во нешто друго“, изјави Петрушевски.
Македонија
Јаневска: Се залагаме за едносменска настава во сите училишта

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село.
„Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“, рече Јаневска.
Нагласи дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано.
Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите. Иако училиштата се под надлежност на општините, тие ќе ја имаат поддршката од Владата и од Министерството за образование и наука и во иднина.
„Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници“, посочи Јаневска.
За да се оствари процесот, потенцираше дека се потребни средства и време, но изрази уверување дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.
Македонија
Бендевска: Штабовите на СДСМ се како археолошки напуштени музеи

Штабовите на СДСМ се како археолошки напуштени музеи, изјави потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска. Таа побара од СДСМ да стави редари пред нивните општински штабови.
„Итно поставете редари пред вашите општински штабови. Не заради безбедност, туку за да може некако да се среди „хаосот“ од гужвите кои настанале откако, наводно, членство на ЗНАМ масовно се враќало кај вас, според ваше тврдење. Разбираме дека СДСМ влегува во фаза на политичко самозалажување – позната и како фаза на „предизборна фантазија“ – ама барем синхронизирајте го политичкиот маркетинг со реалноста на терен. Ако тврдите дека членовите на ЗНАМ се враќаат кај вас, тогаш зошто сите ваши штабови низ државата изгледаат како музеи на политичка археоплогија – затворени, запрашени, заборавени?“, праша Бендевска.
Таа покажа фотографиио од штабови на СДСМ во повеќе градови на државата каде, како што рече. се забележува дека со месеци нема активност, обраснато во трева, нечисто.
„Членството на ЗНАМ е стабилно, мотивирано и решено да изградиме нов политички субјект, кој за разлика од СДСМ ќе функционира чесно и ефикасно. Со почит кон секого и одговорност за секого. Движењето ЗНАМ е тука – со луѓе со идеи, со визија. Се бориме за промени, а не за фотељи. За систем кој работи исклучиво во корист на граѓаните. Се бориме за нов политички модел, за нова култура на одговорност и резултати. Враќањето назад во системот на СДСМ, кој го девалвираше достоинството на граѓанинот и тргуваше со националните интереси, со што ја потроши довербата на народот за членството на Движењето ЗНАМ, не е опција“, рече таа.
На прашањето како ја оценува владината коалиција, откако премиерот Мицковски најави дека Таравари си заминува од владата, потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, рече:
„Премиерот Мицковски вчера го соопшти својот став, но Движење ЗНАМ – За наша Македонија во неколку наврати го кажуваше својот став. За нас е неприфатливо да седиме во иста влада со субјект кој се договара со ова нереформирано ДУИ. Движењето ЗНАМ и во својата предизборна програма говореше за итна потреба од дедуизација на општеството. Под ДУИ-зација подрабираме не албанофобија, туку напротив, ДУИ-зацијата значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем“.
Запрашана каква е комуникацијата со пратениците од Алијансата на Таравари, и дали има најави дека можеби некои ќе останат со мнозинството, Бендевска одговори:
„Не присуствуваа на координацијата членовите на Алијанса за Албанците и навистина ќе е неодговорно да тврдам што ќе се случи со пратеници“.