Македонија
„Шанса за Центар“ поднесе иницијатива до Уставниот суд за ДУП-от за Буњаковец и просторот на „Треска“
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и адвокатката Сузана Јошевска од Скопје на 14 јули поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на детаљниот урбанистички план за Буњаковец, во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување, што ќе нанесе штета на јавниот интерес.
Според Законот за урбанистичкото планирање, детаљните урбанистички планови треба да бидат во согласност со Генералниот урбанистички план, а тоа не е случај со планот за Буњаковец.
Генералниот урбанистички план има цел да обезбеди хумани услови за живеење и работа на граѓаните, со почитување на стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, со рационално користење на просторот, заштита на животната средина и одржлив развој.
„Планот за Буњаковец, спротивно, предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на животот. Во ДУП-от за Буњаковец се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа, ‘Шанса за Центар’ и адвокатката Јошевска бараат од Уставниот суд да го стави надвор од сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина.
Да ја потсетиме јавноста дека овој план предвидува изградба на нови објекти на подрачјето на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т.н. наполитанки, предвидени со планот против кој застана и самата Општина и подготви елаборат за суспензија. Претходното раководство на Општината се обиде со институционани механизми, како мораториумот и суспензијата, да го стопира реализирањето на овој план, а со поддршка на еминентни професионалци од областа се направи урбанистички конкурс за уредување на овој значаен простор. Но, промената на власта во Центар и доаѓањето на градоначалникот Горан Герасимовски ги запре и ги прекина сите заложби за похумано уредување на овој простор и отвори простор за инвеститорско-профитерските спреги да се стават над јавниот интерес.
Жално е што во период кога светот сѐ повеќе се врти кон одржливо искористување на просторот, планирање на градовите за безбедно, спокојно и достоинствено живеење на луѓето, кај нас се прават планови во кои се важни интересите само на малкумина. Најтажно е што и властите развојот на просторот го третираат само како можност за полнење на општинската каса, еднократен приход, со кој ќе се преживее годината и ќе се покријат неколку проекти, но и непродуктивните трошоци и вработувања.
Оваа кусогледост остава несогледлива штета за идните генерации. Погрешното уредување на просторот нема да може да се поправи лесно и едноставно. Станува збор за необновлив ресурс, кој е трајно загубен кога еднаш е веќе погрешно испланиран и искористен, стои во соопштението од „Шанса за Центар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

