Македонија
Шаќири за разрешувањето: Поведов дисциплинска за вработен кој замина на патување по колективниот одмор
Досегашната в.д. директорка на НУ Театар „Комедија“, Нора Шаќири-Марковиќ, се огласи на својот профил на „Фејсбук“, по разрешувањето од директорската позиција во театарот со кој раководеше 10 месеци.
Таа вели дека како директор повела дисциплинска постапка против вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор заминал на патување и истото го поткрепил со фотографии и за истото се изјаснил пред комисијата која го донела решението за дисциплинска казна дека е виновен и ја прифатил казната.
„По анонимна пријава за мобинг пратена до заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, министерот Љупчо Николовски, во театарот дојде вонреден инспекциски надзор, односно Државниот инспекторат за труд, кој донесе записник во кој се наведува дека инспекторот за труд не може да донесе инспекциска мерка врз основа на член 22 и 23 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси и предметот ќе биде испратен до ДКСК како надлежен орган. Во однос на ова сакам да ве известам дека до овој момент од ДКСК ништо не е пристигнато, па по тој основ решението за мое разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг од мене кон вработен“, пишува Шакири.
Таа тврди дека работела согласно закон и дека ја имам безрезервната поддршка од сите колеги.
„Се изборив театарот да се врати во полн сјај без долгови, со три нови претстави, со прекрасен репертоар и неколку фестивали од кои два во продукција на театарот. Намерата е јасна, делата зборуваат за сите нас. Горда сум на се досега направено. Судете сами дали недоаѓањето на работно место е казниво за раководното лице или за лицето кое не се појавува на работното место без образложение. Благодарам на сите мои колеги за поддршката и вербата во мене, за заедништвото да го вратиме Театар ‘Комедија’ во полн сјај“, вели Шакири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.