Македонија
Пријави за кичевскиот командир на полиција
МВР поднесе кривични пријави против командирот на кичевската полиција, против уште едно службено лице и против директорот на О.У. „Кузман Јосифовски – Питу“, за примање поткуп
Кривични пријави се поднесени против командирот на Полициската станица во Кичево, Дејан Стојкоски, против раководителот на надворешната канцеларија за криминалистички работи Благоја Т. и против директорот на ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ З.Г.(34), поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело примање поткуп и помагање, соопшти МВР. Командирот и раководителот, во својство на службени лица, а потпомогнати од директорот во текот на јануари, годинава, побарале поткуп во износ од 2 милиони денари од сопственик на градежна фирма во Кичево, за да не го гонат за криминал. Еден месец подоцна бараната парична награда ја намалиле на милион денари. Оштетениот, сопственикот на градежната фирма, пред три дена го пријавил случајот во МВР, при што беа преземени соодветни мерки и активности за негово расветлување. „Во текот на вчерашниот ден, двајцата високи функционери во кичевската полиција ја примиле бараната парична награда од оштетениот, кој е основач и управител на градежна фирма од Кичево за да во рамките на своето службено овластување, не извршат службени дејствија што биле должни да ги извршат, односно да не поднесат кривична пријава по сите основи на сомнение и констатирани незаконитости за сторени кривични дела од страна на оштетениот и неговото правно лице, а при извршувањето на кривичното дело им помогнал третопријавениот“, рече Гордана Јанкуловска, министерка за внатрешни работи, на денешната прес-конференција. Пред околу една година, командирот на кичевската полиција го повикал оштетениот да се сретнат на периферијата на градот, при што му побарал пари за да му гарантира негова заштита. Откако оштетениот го одбил, командирот му се заканувал преку негови познаници дека ќе биде уапсен.Во јануари, годинава, Благоја Т. дошол во ресторанот на оштетениот и му побарал 2 милиони денари, за возврат да му биде обезбедена гаранција за заштита од кривично гонење. Оштетениот бил повикан во ПС Кичево на службен разговор, каде му била побарана документација во врска со работењето на неговата фирма, што тој ја доставил. По две недели Благоја Т. повторно од оштетениот побарал пари, но овојпат милион денари, за да не му биде поднесена кривична пријава по сите основи на сомнение. Оштетениот и оваа понуда ја одбил. Потоа, директорот на основното училиште, близок пријател на командирот, во својство на посредник, ги договарал средбите меѓу двајцата полициски службеници и оштетениот. Тој посредувал и при договарање на времето и местото, односно обложувалницата „Премиум“ во Кичево, каде оштетениот ги предал паричните средства во износ од 16.000 евра на една од вработените. Таа го известила раководителот на надворешната канцеларија за криминалистички работи, кој контактирал со таксист од Кичево, со барање парите да ги предаде во менувачница во Кичево, со напомена до вработениот во менувачницата, дека тој ќе дојде да ги подигне парите во денарска противвредност за 16.000 евра. Сето ова се случувало вчера попладне.„При извршениот претрес во менувачницата се пронајдени дел од претходно технички обработените пари, односно сума од околу 9.000 евра. Раководителот на надворешна канцеларија за криминалистички работи, пак, е затекнат во друга менувачница во Кичево каде што се обидел да замени 123.000 денари за евра, додека при личен претрес во облеката му се пронајдени уште 194.000,00 денари. При извршен претрес во домот на командирот на кичевската полиција пронајдени се парични средства во износ од 557.000,00 денари“, соопшти министерката Јанкуловска.Пријавените лица се приведени, а заради натамошна постапка се задржани во ПС Гази Баба, Скопје, и во текот на денов ќе бидат предадени на надлежен истражен судија. По приведувањето на двајцата високи функционери од кичевската полиција, до именувањето нови, функцијата ќе ја извршуваат нивните помошници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

