Македонија
Усвојувањето на законодавство на ЕУ пред Националниот совет за евроинтеграции
Членовите на Националниот совет за евроинтеграции, разгледувајќи го извештајот за усвојување на европското законодавство во второто тромесечје од годинава, искажаа спротиставени мислења околу прашањето дали има или не застој во Европската интеграција на Македонија
Според извештајот, во првата половина од годинава, Владата усвоила 56 закони, од кои 46 веќе се објавени во Службен весник, додека 10 се во собраниска процедура. Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски реферираше дека до крајот на август, бројката се искачила на 61 закон и дека дополнителни 20 закони се во собраниска процедура. Според него, тоа ја прави 2010-та година најдобра во однос на прилагодувањето на македонското со европското законодавство.„Сметаме дека 2010-та година досега е најдобрата година што ја имаме во поглед на усвојувањето на законодавството и сигурен сум дека заеднички со Собранието, при што тука несомнено се клучни улогите на Националниот Совет и на Комисијата за европски прашања, ќе успееме на крајот на 2010-та година да констатираме уште една добра година за усвојување на законодавството поврзано со европските интеграции“, рече Наумовски.Опозицијата, пак, со критика за темпото со кое се одвива усвојувањето на европското законодавство. Слабост детектираат во усвојувањето на подзаконските акти, а критикуваат и за аномалии во судството и администрацијата.„Бавни сме во преводот, а стоиме со подзаконските акти. Со такво темпо, нашето зачленување во Европската Унија, на страна од спорот што го имаме со Грција, ќе трае 50 години. И сега кога велиме дека работиме на реформите, тоа треба да го искорегираме. Динамиката мора да се подобри, вицепремиерот рече дека била добра година. Ако ги гледаме законите и подзаконските акти, за Собранието така-така била годината, но за Владата ова била лоша година“, рече Радмила Шеќеринска, претседател на Националниот Совет за евроинтеграции.Вицепремиерот Наумовски побара покоректен однос и објективно гледање на податоците. Рече дека Влада работи на подобрување во областите за кои опозицијата упатува критики. Побара градење на меѓусебен консензус, а не негово рушење.„Мислам дека би требало да бидеме покоректни, прво едни према други, а потоа кон јавноста и да се обидеме да избегнуваме некои презентации што би можеле да значат претставување на реалноста малку поразлична од она што покажуваат фактите“, рече Наумовски.„Треба да обезбедиме единство во разликите. Значи, за да имаме вистинско единство и вистински консензус, треба да бидеме објективни во оценка на реалноста, а не да ги поништиме разликите меѓу нас и да кажеме, како што вели Владата, дека живееме во најдобриот од сите светови“, одговори Шеќеринска.Националниот совет за евроинтеграции, како и собраниската Комисија за европски прашања, по четири пати годишно го разгледуваат прилагодувањето на македонското со европското законодавство, односно на секои три месеца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во недела во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека на 12.05.2024 (недела) од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Пеевски до Мицкоски: Од вас се очекува правилно да го исполните договорот, Бугарија направи голема работа
Нема да дозволиме Бугарија да се користи за внатрешнополитички цели во Северна Македонија, наведува претседателот на ДПС од Бугарија, Дељан Пеевски.
„Зборовите на лидерот на партија со тврдења од нашата соседна земја дека ќе чека поразумен премиер се апсолутно недозволиви и неприфатливи. Нема оправдување Северна Македонија да се оттргне од свјот евро-атлантски пат“, вели Пеевски и му се обраќа на претседателот на македонската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:
„Сакам да му се обратам на господинот Миткоски: нема да има бугарски премиер што ќе оди спротивно на интересите на Бугарија. Од вас се очекува правилно да го исполните договорот потпишан со Бугарија. Ве потсетуваме дека Бугарија како држава направи многу со поддршката за Северна Македонија, чие место треба да биде членка на ЕУ“, вели Пеевски.
Македонија
Џафери за порасната трева околу Владата: Градоначалничката доби соодветен одговор со изборниот резултат, граѓаните гледаат и вреднуваат
Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и во надлежност на Град Скопје. Според договореното и обврските, ‘Паркови и зеленило’ како јавно претпријатие што се грижи за изгледот на градот е надлежно и за оваа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи што се надлежност на друга институција. Во овој контекст, јас жалам што излезе вака, но, секако, и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на градот Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска, освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.