Македонија
Притвор за еден од осомничените за убиството во Велес
Истражен судија му одреди мерка притвор на триесетгодишниот Ј.Т од Велес, осомничен за завчерашното убиство на триесет и две годишниот Блаже Стефанов, јавува Лисица.
Истражен судија му одреди мерка притвор на триесетгодишниот Ј.Т од Велес, осомничен за завчерашното убиство на триесет и две годишниот Блаже Стефанов, јавува Лисица.
Според СВР Велес, тој доцна синоќа е префрлен во истражниот затвор во Скопје. Полицијата и понатаму презема мерки за расветлување на случајот и дали во овој вооружен напад имало вмешано и други лица.
„Во текот на вчерашниот и денешниот ден се уште се преземаат опсежни мерки во врска со вчерашното убиство. Со двајцата осомничени беа извршени разговори, од кои за едниот веќе е одредена мерка притвор и е префрлен во истражниот затвор „Скопје“, а другиот е задржан во полиција“, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
Вооружениот напад се случи завчера во месноста Исмаил Чешма, недалеку од Велес. Убиениот Стефанов заедно со неговиот другар Благој М. со автомобил оделе кон викенд-куќата каде што одгледувале добиток.
Кога го напуштиле автопатот и тргнале по земјениот пат наишле на заседа. Триесетина куршуми биле испукани во нивното возило марка „Голф“. На лице место бил усмртен Блаже Стефанов, кој управувал со возилото, додека неговиот сопатник имал среќа и бил погоден само во пределот на нозете. Тој веднаш бил пренесен во велешката болница но поради сериозноста на повредите бил префрлен во скопската клиника.
Убиениот и неговиот другар со прекар Штркот на велешката полиција и се познати од поодамна како сторители на повеќе кривични дела за кои досега им биле изрекувани казнени мерки. /крај/лисица/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Преку наместен тендер во ЕСМ во 2023 испрани околу 2 милиони евра
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСM и ДУИ за време на нивното седумгодишно владеење воспоставиле тендерски мрежи со однапред договорени постапки и контролирана конкуренција, со цел перење пари од државниот буџет.
Во соопштението се наведува дека во 2023 година, преку организирана и добро осмислена шема во ЕСМ, биле испрани околу 2 милиони евра преку наместен јавен тендер со вкупна вредност од 8 милиони евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо постапката за јавна набавка да биде транспарентна, конкурентна и во интерес на јавноста, во неа биле вклучени две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово, со однапред дефинирани улоги. Кумановската фирма, како што се наведува, била вклучена исклучиво за да се создаде привид на конкуренција и да не изгледа дека скопската фирма е единствениот понудувач.
Од партијата посочуваат дека фирмата од Куманово доставила непотполна документација и понуда со цена повисока од претходно проценетата вредност, додека фирмата од Скопје понудила цена која речиси целосно се поклопувала со проценетата вредност, иако таа вредност воопшто не била јавно објавена во огласот.
По завршувањето на постапката, според соопштението, со цел да се замагли трагата, осомничените пуштале во оптек, примале и пренесувале финансиски средства во износ од околу 2 милиони евра, што, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претставува јасна основа за сомнение за кривично дело перење пари.
Од партијата додаваат дека ова не е изолиран случај, туку само една од многуте шеми на наместени тендери кои функционирале за време на владеењето на СДСM и ДУИ.
Во соопштението се наведува и дека ниту Сoцијалдемократите ниту Интегративците не се оградиле, не се дистанцирале, ниту презеле одговорност, туку, како што тврдат, продолжуваат да го релативизираат и штитат криминалот.
Македонија
„Врват криминални тендери на ДПМНЕ додека Скопје се гуши во загаден воздух“, велат од СДСМ
„161 тендер за една фирма вредни 5,3 милиони евра, тендери од 9 милиони за друга фирма со двајца вработени, милионски износи за фирма на студентот на Мицкоски. Дури и по европските пари посегна власта за што ЕУ ја суспендираше ИПАРД 3 програмата“, велат од СДСМ.
„Наместо инвестиции во мерки и политики за намалување на загадувањето парите на граѓаните завршуваат во криминални тендери преку кои се пумпаат милиони евра.
Мицкоски најавуваше 1 милијарда евра инвестиции за чист воздух и намалувањето на загадувањето за 50% но наместо тоа ги намали парите за чист воздух за 51%!
Владата на ДПМНЕ нема пари за чист воздух, нема пари за бесплатен јавен превоз, нема пари за филтри, за еколошко греење, еколошки проекти, за итни интервенции.
Само за криминални тендери има пари.
Изборот на ДПМНЕ е крадење на народот и лично богатење наместо јавното здравје на скопјани.
Во времето на СДСМ се презедоа низа на мерки со Планот за чист воздух и во тие години започна тренд на постепено намалување на загадувањето.
Штетните честички ПМ 2.5 во воздухот се намалија за -564kg на годишно ниво, а честичките МП 10 за – 735kg исто така на годишно ниво. И тоа граѓаните го знаат.
СДСМ бара прогласување еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје и свикување на итна седница на Советот на Град Скопје за што имаме и конкретни мерки за намалување на загадувањето.
Но, за да може да се реализира некоја мерка мора крадењето на народот да запре а сите виновни да понесат одговорност согласно закон.
На криминалот и корупцијата мора да им се стави крај“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски покажува дека „новото“ раководство на СДС се сведува на група блиски до Заев
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека „новото“ раководство на СДСМ се сведува на група луѓе блиски до поранешниот партиски лидер Зоран Заев, наведувајќи дека нема граница која претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не е подготвен да ја помине за да ги задоволи неговите апетити и агенда.
Во соопштението се посочува дека на листата за Извршниот одбор на „новото“ СДС се нашол и Јон Фрчкоски, син на партискиот идеолог. Според ВМРО-ДПМНЕ, во СДС има лица кои се компромитирани, лица кои ги злоупотребиле своите службени позиции, како и лица кои, како што се наведува, ќе направат сè за да останат блиски до поранешниот лидер на партијата.
Од партијата потсетуваат дека за Јон Фрчкоски пред неколку месеци во јавноста биле објавени фотографии на кои, како што тврдат, јасно се гледа како користи психотропни супстанци на своето работно место.
Во соопштението се наведува дека Филипче немал коментар за ова, ниту се оградил, а кога Фрчкоски се обидел да поднесе оставка од функцијата директор на Центарот за аналитика на СДС, таа не била изнесена пред Централниот одбор на партијата. Како што се цитира изјавата на Фрчкоски од минатата недела: „Не се враќам, никогаш не излегов, мојата оставка не беше разгледана“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Фрчкоски никогаш не одговорил на прашањата поврзани со наводите, како што се каде ја користел дрогата и од каде му била истата.
Во соопштението се поставува и прашањето дали во СДС владеат правила на, како што се наведува, „паралелна реалност“, со оглед на тоа што, според партијата, раководството е целосно отсечено од јавната перцепција и ги претставува како „нови“ лица кои, како што тврдат, одамна се компромитирани, а некои и јавно политички потрошени.

