Македонија
Половина од Македонците ја поддржуваат акцијата против Бин Ладен
Половина од Македонците ја поддржуваат американската акција против Осама бин Ладен во која тој беше убиен на 2 мај оваа година.
Половина од Македонците ја поддржуваат американската акција против Осама бин Ладен во која тој беше убиен на 2 мај оваа година.
Ова го покажува анкетата на Брима Галуп, според која 52 отсто ја поддржуваат американската акција, од кои 12 отсто потполно ја поддржуваат акцијата во која е убиен Осама бин Ладен, а поголемиот дел од нив 40 отсто даваат делумна поддршка и се противат на начинот како е изведена акцијата и повеќе сакале тој да биде уапсен, но не и убиен, 9 отсто се спротивставуваат на оваа акција, 7 отсто не слушнале за инцидентот, а 32 отсто немаат определен став по ова прашање.
Според првата глобална анкета после настанот, постои широка поддршка низ светот со 81 отсто што ја поддржува американската акција против Осама бин Ладен.
Поддржувачите на акцијата сепак се поделени помеѓу потполни поддржувачи на тоа дека бин Ладен е убиен, вкупно 39 отсто од вкупно анкетираните и делумна поддршка (42%) кои се противат на начинот како беше изведена акцијата и повеќе сакаа да го видат Осама бин Ладен уапсен отколку убиен.
Само 9 отсто не ја одобруваат акцијата, а 10 отсто не одговориле велејќи дека немаат мислење или не знаат за оваа акција.
Глобалното истражување беше спроведено од Gallup International (во асоцијација со WIN групацијата), најстарата и најголемата светска мрежа на независни истражувачки агенции.
Примерокот изнесува 20,995 мажи и жени кои беа избрани според стандардни процедури. Истражувањето се спроведе во 25 земји од сите делови на светот претставувајќи ги најголемите нации како Кина, Индија и САД а и помали како Исланд. Во примерокот се претставени Азија, Африка, Источна и Западна Европа и Америка и го претставува мислењето на луѓе кои припаѓаат на различни етнички групи, религии, социо-економски групи, возрасти и пол.
Интересно, но не и изненадувачки е дека само половината, 53 отсто од анкетираните се сигурни дека убиениот во акцијата беше Осама бин Ладен, останатите се поделени помеѓу оние кои мислат дека акцијата била лажна 22 отсто. А 24 отсто не дале одговор.
Анализата на резултатите покажува дека во основа има две тенденции во перцепцијата на овој настан. Во еден дел од светот како што се САД, Канада, Финска и Германија голем дел од граѓаните 70 отсто и повеќе сметаат дека убиениот е Осама бин Ладен додека наспроти тоа во друга група земји мал дел од испитаниците е уверено дека Осама бин Ладен е убиен, како во Македонија 16 отсто , Русија, 17 отсто, Пакистан 25 отсто, Босна и Херцеговина 28 отсто, Тунис 29 отсто , Србија 31 отсто итн., додека резултатите во останатите земји варираат помеѓу овие две тенденции./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Од пролет започнуваме со реализација на клучните капитални проекти за поголемо достоинство на сите скопјани
Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор, станува дело, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните.
Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром.
По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.
Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“.
Според него, интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде како што вели, се поставуваат нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.
„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат.
Ова е новото време за Скопје.
Време на работа, резултати и одговорност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, започнуваме со реализација на клучните капитални проекти што ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.
Продолжуваме. Решително и посветено“, пишува Ѓорѓиевски.
Македонија
ССМ утре од 11 часот ќе ја блокира Владата: Ќе донесеме и одлука за генерален штрајк, видовме дека на маса не нè слушаат
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот со 21 работник ќе ги блокира влезовите во Владата оти се игнорираат нивните барања минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати за 100 евра, а најави и одлука за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и денес објасни зошто само 21 работник ќе је блокира Владата.
„ Зошто 21 човек? Затоа што тоа е законскиот минимум за да блокираме некоја институција или некоја сообраќајница. 21 човек затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето кои протестираат, дека ќе ги оцрнуваат луѓето кои ќе протестираат и дека на таков начин сакаат да упатат порака до секој еден кој смета дека треба да излезе на улица и да даде поддршка на работниците односно да се поддржи самиот себе во борбата за платите“, објасни претседателот на ССМ Трендафилов.
Тој потсети дека ССМ протестира оти Владата и газдите до 31.12. не се договорија за зголемување на платите.
„Владата ги остави работниците на минимална плата да се договараат со газдите за зголемување на минималната плата, а кога синдикатите и работодавачите минатата година се договорија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и за таков начин Владата да даде сопствен придонес преку ослободување од плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување, денеска поради самобендисаноста на поединци во Владата таа одлука го чини државниот буџет или државната каса најмалку 10 милиони евра месечно или најмалку 120 милиони евра годишно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ нема да сопре со активностите за зголемување на минималната лата со блокадата на Владата. Доколку повторно не наиде на соработка, Трендафилов најави генерален штрајк.
„Пред донесување одлука за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор сме. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ по големиот протест во јануари, овој месец веќе ги блокираше Собранието и стопанските комори и од улица им порача на пратениците и на работодавачите дека нема да се откаже од барањето минималната плата да се зголеми ан 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра.
И покрај протестот и блокадите на работниците Владата не се премисли и остана на ставот дека работниците треба да се договорат со работодавачите за зголемување на минималната плата, а онаму каде што Владата е работодавач, веќе договори зголемување на платите за 40 % до 2028 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.

