Македонија
Во Скопје одбележани 110 години од смртта на Гоце Делчев
Со пригодна беседа и положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свeти Спас” во Скопје во саботата беа одбележани 110 години од загинувањето на еден од идеолозите на македонската револуционерна борба.
Пред саркофагот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас” во близина на скопското Кале се поклонија делегација од Владата, во која беа министрите за култура и за транспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, градоначалникот на главниот град Скопје, Коце Трајановски, делегации од кабинетот на Претседателот и од Собранието на РМ, на Армијата на Република Македонија, МАНУ, Институтот за национална историја, од Сојузот на борците на Македонија, од политички партии, организации, здруженија, општини и установи што го носат името Гоце Делчев.
На настанот беше промовиран проектот „Поклонение на визионерот – младите за Делчев”, чија цел е, како што појасни Александар Ангеловски, младите генерации од Македонија и од дијаспората да го зачуваат од незаборав споменот за Гоце. Проектот предвидува неколкучасовно дефиле во кое ќе учествуваат 31 двојка (колку што Гоце имал години кога загинал) кои стапиле во брак во претходната година и централната манифестација да биде на плоштадот „Македонија”. Тој соопшти и детали од проектот, како облека на учесниците, маршрутата по која ќе се движат.
Годишнината од смртта на Гоце Делчев оваа година се совпадна со верскиот празник Велика сабота и затоа не се одржа панихида. На одбележувањето настапи Градскиот мешан хор „Вардар”, а цвеќе беше положено и пред спомениците на Гоце на плоштадот „Македонија” и во Градскиот парк.
Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.
Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месецa подоцна.
Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население.
„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите”./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.