Македонија
Новинарите до Судот: Обид да се дискредитира новинарската професија

Наместо на јавноста да и даде објаснување зошто навистина новинарот Томислав Кежаровски толку долго е во притвор, Судот се обидува да ги дискредитира и иницијативниот одбор и новинарската професија во целина, реагира Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски на одговорот на судот дека со протестот на новинарите се врши притисок врз судот.
Новинарите укажуваат дека таканаречениот притисок врз судството не го прави иницијативниот одбор, туку ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Македонија, Меѓународната федерација на новинари, медиумските асоцијации од Европа, здруженијата на новинарите од регионот, ИФЕКС, „Репортери без граници“, Мрежата на медиумски организации на Југоисточна Европа, СЕЕМО коишто побараа ослободување на Кежаровски.
„Доколку навистина со нашите јавни изречени ставови и со нашето уставно загарантирано право на протести, како што се наведува во соопштението на судот,„се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозуваат правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“, тогаш како граѓани на Македонија сме длабоко загрижени за кревкоста на судскиот систем. Ако со свирчиња новинарите направиле упад во независноста на судот, тогаш што прават политичките елити и другите центри на моќ со нивните инструменти за притисок врз судството?!“, се вели во реакцијата на новинарите.
Оттаму појаснуваат дека слободата на изразување нема таканаречени форми и таа е една и единствена и е заштитена со Уставот на Македонија.
„Не сакаме да веруваме дека судот намерно ја дезинформира јавноста кога во соопштението наведува дека со „постојаните притисоци на таканаречениот иницијативен одбор“ „обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на преостанатите обвинети“, па дури дека и „на овој начин се злоупотребува позицијата новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“. За медиумите и новинарите, но пред сè, за целокупната јавност во Македонија, исклучително е важно судот да покаже дека го уважува, го признава и го поддржува слободното новинарство и го смета како нужна неопходност, која ги штити јавниот интерес, плурализмот и демократијата во нашата држава“, се додава во реакцијата.
Новинарите во четвртокот излегоа на штрајк пред Основниот суд Скопје 1 поради продолжувањето на притворот на Кежаровски. Во одговорот, Кривичниот суд реагираше дека со протестите се врши упад во независноста на судскиот систем.
„Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни „иницијативни одбори“ и други интересни групи, со организирање на протести пред судот ставајќи се над законот и Уставот на Република Македонија која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи. Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“ се вели во соопштението од Судот./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.