Македонија
Анкета – Македонија во ЕУ во 2015

Просечната проценка на граѓаните за тоа кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија е 6,2 години
Просечната проценка на граѓаните за тоа кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија е 6,2 години.
Ова го покажуваат резултатите од најновата анкета на Американскиот републикански институт (ИРИ), објавени денеска.
Поддршката на македонските граѓани за влез во НАТО останува стабилно високa и во најновото испитувањето на ИРИ изнесува 93 проценти.
Во анкетата на ИРИ, спроведена пред препораката на Европската комисија за укинување на визите за Македонија, нема поголеми промени во рејтингот на политичките партии.
Владеачката ВМРО ДПМНЕ има рејтинг од 31 проценти, а нејзиниот коалиционен партнер ДУИ бележи пораст од претходната анкета на ИРИ и има рејтинг од 12 отсто од испитаниците.
Опозициониот СДСМ и со новиот лидер Бранко Црвенковски има поддршка од 12 отсто.
Нова демократија на Имер Селмани има поддршка од три отсто од испитаниците во најновата анкета на ИРИ./крај/форум/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сѐ уште се трага по убиецот од Батинци, Тошковски вели во тек е постапка за идентификување на локацијата

Безбедносната состојба во Македонија е значително подобрена во однос на пред две години, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, реагирајќи на обвинувањата од страна на СДСМ за нарушена безбедност.
„Македонија е денес далеку побезбедна отколку што беше пред две години. За тоа говорат бројките, граѓаните и фактите. Нормално е опозицијата да обвинува, тоа е нивна работа, но би било добро тоа да биде со реална споредба и факти“, изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со убиството во скопското село Батинци, кое е второ убиство во ова населено место за една година, министерот Тошковски информираше дека случајот е делумно расветлен од страна на МВР.
„МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејствија. Во тек е постапка за идентификување на локацијата на сторителот. Не би сакал да навлегувам во повеќе детали“, рече Тошковски.
Припадниот на Армијата А.М. минатата недела беше застрелан во селото Батинци. МВР тогаш соопшти дека лицето М.Џ. пукало со огнено оружје кон возило „киа“ кое било во движење. А.М. (50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде во 11 часот од страна на доктор била констатирана смрт.
Осомничениот Муса Џавит, се уште не е пронајден и, според сознанијата на истражните органи, најверојатно ја напуштил земјата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека Џавит веќе подолго време се бара со меѓународна потерница за претходно извршено убиство.
Македонија
Токму полициски службеници на Тошковски се фатени за диви приклучоци, проблемот не е водата, туку тие што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат, велат од Град Скопје

ВМРО-ДПМНЕ кога обвинува за недостаток на вода во град Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП Водовод и канализација во Шуто Оризари и за истите МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба, реагираат од Град Скопје по денешното соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Како што појаснуваат и на дивоградбата каде беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, бил утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски, како што истакнуваат во соопштението, дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари.
„Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој се уште глуми политички загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните кои чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот.
Потрошувачката на вода овој месец достигна рекордни 356.000 м³ на ден, што значи дури 700 литри дневно по глава на жител, највисоко ниво досега.
Само во последниве денови, дневно се откриваат по 30 нови диви приклучоци низ Скопје, бројка која постојано расте“, реагираат од Град Скопје.
Одговорноста, според нив, е јасна. Проблемот, како што велат, не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат.
Македонија
55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – почна изградбата на ветерниот парк кај Штип

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата.
„После нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, денеска добива завршница – завршница на првата фаза“, изјави Мицкоски на настанот.
Инвестицијата беше најавена вториот ден по изборот на Владата, а Мицкоски ја нарече „драјвер и модел како треба да се движиме понатаму“ во секторот на обновливи извори на енергија.
Премиерот нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе растот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски раст од 9,4% во мај.
„Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Тој се заблагодари на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.
„Да ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“, порача премиерот.
На настанот се обрати и вицеремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски кој ја истакна огромната важност на проектот, како за државата и граѓаните, така и за развојот на економијата и создавање можности за конкурентност на македонската индустрија на европскиот пазар.
„Кога патуваме надвор, она што можеби најмногу не’ импресионира, особено во Северна Европа, е кога ќе ги видеме ветерниците и тоа е некој симбол за развој, симбол за прогрес, симбол за 21. век и каде се движи човештвото. Така што, ова што ќе се случува во годините пред нас, е и психолошки добро да покажеме, дека како нација можеме да водиме големи проекти“, рече Николоски.
Во однос на економијата, додаде дека тука имаме директен и индиректен импакт. Директниот импакт е она што ќе се произведе и што ќе се продаде, кое што директно влегува во БДП. Но индиректниот е многу поголем, не само во изградбата во годините што следуваат пред нас, не само во придобивките кои што ќе ги имаат трите општини, на чија што територија ќе биде овој ветерен парк, туку пред се’ за стопанството и за индустријата.
На настанот се обратија и директорот на компанијата и инвеститор, Даниел Калдерон, како и министерката за енергетика, Сања Божиновска.