Македонија
ДИК го усвои Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи
Државната изборна комисија (ДИК) на 49-та седница одржана во вторникот го разгледа и едногласно гo усвои Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи, заклучувајќи дека во рокот за пријавување од 26-ти јули до 19-ти август годинава пристигнале 8.922 пријави, од кои 8.901 пријава се прифатени.
Вкупно 3.620 пријави биле лично доставени до ДИК, а 5.302 се поднесени преку електронска апликација.
Правната служба на ДИК одбила 21 пријава. Од нив една пријава е одбиена поради нечитлив документ, девет поради несовпаѓање на документ, девет поради неважечки личен документ и две поради некомплетен личен документ.
Согласно утврдениот Извештај на ДИК, пријава не поднеле вкупно 30.467 лица. Според писмено известување од Управата за водење матични книги од 22-ри август 2016 година 20 лица од списокот се починати заклучно со 19-ти август 2016 година.
Три или повеќе члена на ДИК во рок од 10 дена по истекот за пријавување можат да побараат дополнителна проверка за кое и да е од лицата.
Со Законот за дополнување на Изборниот законик, Комисијата беше задолжена да спроведе процес на активна регистрација на 39.502 лица за кои при спроведените административни и теренски проверки се утврдени спорни записи.
ДИК по извршени дополнителни проверки преку споредба на списокот од 39.502 лица и Избирачкиот список иззема 113 лица за кои е утврдено дека шест се починати, 51 лице е на привремена работа или престој во странство, 54 го изгубиле избирачкото право по различни основи и две лица поднеле барање за промена на податоци во Избирачкиот список. Можност за пријавување имаа вкупно 39.389 лица.
Граѓаните кои не се пријавиле во законскиот рок од 25 дена согласно законот ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК во тек на јавниот увид пред предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.