Надворешна политика
Иванов – Алијев: Создадени се услови за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Азербејџан
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Азербејџан и учеството на 4-от Глобален Баку форум, оствари средба со азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, со кого разменија мислења околу севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Азербејџан и беше изразено задоволство од континуираниот политички дијалог на највисоко ниво.
Двете страни се согласиле дека билатералните односи се пријателски, но било потенцирано дека „недостига содржина“ во соработката. Одличните политички односи и контакти, солидната правна рамка и потенцијалите на двете земји, според претседателите Иванов и Алијев, создаваат услови за интензивирање на економската соработка, зголемување на обемот на трговската соработка и на азебрбејџански инвестиции, гасоводни проекти, безбедносна соработка.
Македонскиот претседател на средбата ги претстави можностите за инвестирање во земјата, и го запозна претседателот Алијев со поволниот инвестициски амбиент во Македонија, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.
Иванов ја реафирмираше поканата за официјална посета на претседателот Алијев на Република Македонија во втората половина на 2016 година. На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, мигрантската криза и безбедносните состојби.
Претседателот Иванов го запозна соговорникот со предизвиците од мигрантската криза, како и приоритетите за членство на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Алијев, пак, го запозна македонскиот претседател со состојбите во Нагорно-Карабах и за односите на Азербејџан со Ерменија.
Двајцата претседатели се согласија за натамошно продолжување и интензивирање на соработката на мултилатерален план. Иванов ја прифати поканата за учество на самитот на алијансата на цивилизациите на Обединетите нации, што на крајот на април ќе се одржи во Баку./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.