Скопје
Се отвора центар за талентирани ученици од Центар, Карпош и од Кисела Вода
Центар за талентирани ученици се отвора денеска во ОУ „Димитар Миладинов“ во општина Центар. Станува збор за меѓуопштинска соработка меѓу Центар, Карпош и Кисела Вода.
Центарот располага со површина од 120 м2 и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности. Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини.
„Центарот за работа со талентирани ученици е идеја што подолго време ја чека своја реализација во Општина Центар. И навистина ме радува што оваа меѓу општинска соработка, оваа активност, може да биде навистина корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини. Навистина ми е мило што Општина Центар и општините Карпош и Кисела Вода се водечки општини во формирање ваков центар, односно катче за нашите талентирани ученици да го развиваат и надградуваат својот талент. Верувам дека овде учениците ќе поминуваат убаво и квалитетно време, ќе се градат и развиваат и достојно ќе ги претставуваат нашите општини и државата на меѓународните натпревари. Ви посакувам убава дружба, личен развој и успешни кариери“, им порача Герасимовски на учениците.
Овој центар за талентирани ученици е прв во главниот град и има исклучително значење за талентираните ученици, кои немаат катче, каде што својот талент, знаење и способности може да ги развиваат и усовршуваат. Во ова катче учениците ќе работат со своите наставници, трошоците за редовните комуналии за просторот (вода и интернет), струјата и парното ќе ги намирува училиштето, а материјалните трошоци ќе ги покриваат трите општини заедно. Центарот за талентирани ученици ќе влезе и во креирањето на општинските буџети со цел талентираните ученици да го градат и развиваат својот талент и во наредните години. Општина Центар исто така обезбедува и одговорно лице, кое ќе се грижи за центарот за тој да им служи уште многу години на учениците што поседуваат одреден талент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Нормализиран сообраќајот од средно Водно до св. Пантелејмон
Сообраќајот на патниот правец Р 2138 од средно Водно до св. Пантелејмон од 11.00ч. е нормализиран.
Регионалниот ЦУК (РЦУК) Скопје извести претходно дека од Општина Карпош вчера добиле информација дека патот меѓу Пантелејмон (Горно Нерези) и Средно Водно не беше безбеден за движење со моторни возило и апелираа истиот да не се користи поради голомразица.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од АМСМ.
Скопје
Во текот на една недела санкционирани 𝟣𝟥𝟤 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 13.01. до 19.01.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 132 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
ЈП ПОЦ и општина Центар апелираат до граѓаните да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за безбедно однесување во сообраќајот со цел да се зачува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и реши проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на општина Центар, соопшти ПОЦ.
Скопје
ЦУК: Ќе се одглавуваат автомобилите што заглавија на патот меѓу Горно Нерези и Средно Водно
Регионалниот ЦУК (РЦУК) Скопје известува дека од Општина Карпош вчера добиле информација дека патот меѓу Пантелејмон (Горно Нерези) и Средно Водно не е безбеден за движење со моторни возило и апелирале истиот да не се користи поради голомразица.
Вчера на овој потег беа регистрирани повеќе возила заглавени во снегот. По пренесувањето на пријавите од ЦУК до надлежните, е добиено известување од ЈП Македонијапат дека овој пат е од 4-та категорија на приоритет и дека вчера немале слободни машини за интервенција, бидејќи истите биле на расчистување на патот Кичево-Охрид и на Попова Шапка и дека денеска околу 10 часот ќе испратат машина за да се интервенира, извести ЦУК.