Daily news
Лилјана Поповска: Ако ДУП-от е нормален, ќе беше донесен по нормална процедура
По одлуката на општина Аеродром без било каква најава да го усвои спорниот Детален урбанистички план со кој се планира уништување на зелените површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар, иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“ организираше протест пред зградата на општината.
Со преставка до Уставниот суд, ќе се преиспитува донесената одлука.Претставници на иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“ велат дека овие одлуки ќе влијаат на здравјето на жителите, бидејќи повторно се уништуваат тревни површини, а процентот на загаденоста расте.
„Дојдени сме да изразиме незадоволство против тајното менување на ДУП-от, со кој се уништува зеленилото на кејот на Вардар и покрај Мајчин дом. Девет катница ќе ни пречи многу, затоа што тоа е место каде има најдобро струење на воздух.“, вели граѓанка која своето незадоволство го изрази на овој протест.
Протестите ќе продолжат се до понеделник, кога е закажана нова седница на општина Аеродром, за гласање на ДУП-от во Ново Лисиче. Лилјана Поповска од ДОМ вели дека на Уставен суд ќе ја докажат нелегалната процедура со која е донесена одлуката.
„Мислам дека Уставниот суд ќе го одобри ова, како што ја одобри иницијативата за ГТЦ. Зеленилото во Аеродром не е само да дишат аеродромци, бидејќи нема ѕид помеѓу оваа населба и други општини. Ова е за цела Македонија. Има работи кои пристојни, но и непристојни. Луѓето имаат свој разум и дека не е нормално ти да ставиш точка на дневен ред, а претходно не си ја најавил. Зошто таква скришна процедура? Ако беше се во ред со него, ќе беше донесен по нормална процедура.“ вели Лилјана Поповска од партијата на зелените.
Денеска, градоначалникот на општина Аеродром изјави дека процедурата за ДУП-от која е започната минатата година продолжила сега поради тоа што се одлучувало за претставки од граѓаните. Поповска пак, вели дека ниту една од забелешките не се прифатени.
„Доволно е да има петнаесет луѓе за протестите да бидат легитимни. Има граѓани на кои тоа им пречи. Сметам дека не е работа на бројки, туку на принцип, процедури, почитување на законитоста и правото на граѓаните да живеат во здрава животна средина. Затоа инсистираме да се формира влада која ќе донесе пакет закони во урбанизмот, каде мора да се направи ревизија на сите скандалозни ДУП-ови, како овој.“, додава Поповска.
Организаторите ги повикуваат граѓаните утре помасовно да излезат на протестот против донесената одлука за ДУП-овите во општина Аеродром. /крај/кл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.