Скопје
Отворен „Вино-Скоп“ 2014
На плоштадот „Карпошово востание“ до Камениот мост, во среда вечер со настапите на Дј Тина, етно метал бендот Хроматик Поинт и браќата Тавитијан со проектот „Македонското срце чука во 7/8 такт“ со специјалниот гостин Аки Рахимовски од Парни Ваљак, почна осмото издание на винскиот фестивал „Вино-Скоп“ 2014.
Фестивалот официјално го прогласи за отворен градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
На овој фестивал учествуваат над 40 македонски винарии, а новитет годинава е што посетителите ќе имаат можност да пробаат и вински коктели како сангрија и вино мохито.
Мускат, Траминец, Александрија, Вранец, Темјаника, Мерлот, Каберне Совињон, Пинот Ноар, Кавадарка, Шардоне, Белан, Ризлинг, Совињон Бланк, Семилон, Смедеревка, Ркацетели, Темјаника, Жилавка, Станушина се само дел од сортите кои се одгледуваат во нашиот регион, а кои посетителите ќе може да ги пробаат на реномираниот вински фестивал.
Од досегашното искуство на овој фестивал се покажа дека македонците пијат повеќе црвено вино и тоа од сортите Мерлот и Вранец, додека од белото вино најпопуларни се Траминец и Мускат. Низ годините и вековите, убавата географска положба и многуте сончеви денови прават македонското вино да биде меѓу најквалитетните во светот, а сето тоа надополнето со убавата музичка програма ветува уште една незаборавна фестивалска година.
Вечер, на програмата на втората фестивалска вечер, посетителите на Вино-Скоп, ќе ги забавуваат Диџеј Тина, XXL, бендот „Тоа е тоа“, Фолтин и за крај Бени и Нон стоп.
На Вино-Скоп по долго време со концерт се враќаат Дарио и Миг 21, а ќе настапат и Куку Леле, Митан Проџект, Дани Димитровска, Миле Кузмановски, Благица Павловска, УскаКан Оркестар и многу други.
Паркингот до Музејот на холокаустот ќе биде отворен 24 часа за посетителите.
Организаторите како и винариите учесници ветуваат добра музика, дегустација на врвни вина по цени за сечиј џеб, деликатесно мезе во катчето за храна и пет дневна забава до утринските часови.
МОТО на Манифестацијата Вино-Скоп 2014 годинава е: „Бидете дел од една различна приказна!“. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај в недела во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека на 12.5.2024 (недела) од 8.30 до 10.30 часот, поради одржување улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај, и тоа на сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на булеварот Илинден – локација Фонтана, ќе се движат по булеварот Илинден до крстосницата со улицата Никола Парапунов, потоа до крстосницата со булеварот Партизански одреди, десно (кон населбата Ѓорче Петров) до мостот „Влајко“, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со улицата Љубљанска, каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на улицата Никола Парапунов и по булеварот Илинден до целта на локација Фонтана на булеварот Илинден.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Скопје
Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница, издвоивме 500.000 денари за оваа намена
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.
Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.
„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст“, потсетува градоначалникот Герасимовски.
Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.
Скопје
Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка, вели Стефковски
Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи, како што вели Стефковски, тоа е волјата на скопјани.
„Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка! Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, која се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на град Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку својата партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласа.
По ваквиот резултат, јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на град Скопје бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани!“, пишува Стефковски.