Скопје
Кисела Вода – единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт
Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дeка Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт во светот.
Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан, и високите претставници од ИРИ, Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК, Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кaко и за целата досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план, кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40-мрежата на градови од Балканот, информираат од Општината.
Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.
„Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), од оваа значајна мрежа на општини од светот, кои преку својата работа во изминатите 15-ина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата, беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како Општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти, кои треба произлезат од членството во ПОВ, за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со другите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и другите граѓани од државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење капацитети, кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер.
Дополнително, како дел од мрежата Б40 на градови од Балканот, Општина Кисела Вода ќе може своите стекнати искуства да ги вложи и во насока на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата подобрувајќи го дијалогот меѓу локалните заедници“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива почната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по почнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади, кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес, во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.
Со приклучувањето кон иницијативата Владата на Република Македонија потпиша декларација, со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната („Отворен парламент“), судската власт („Отворено судство“), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода и од локалната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од Карпош без струја
ЕВН Македонија АД и Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, ги известува граѓаните дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· Во период од 09:00 – 12:00ч дел од корисниците во с. Бардовци ( о.Карпош);
· Од 09:30-14:00ч корисниците од ул.Дрезденска (о.Карпош).
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.