Македонија
Премиерот Ковачевски со највисоки државни и воени почести го пречека премиерот на Албанија, Рама
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, официјално го пречека претседателот на владата на Република Албанија, Еди Рама.
Со највисоки државни и воени почести македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски ја пречека албанската владина делегација предводена од премиерот Рама.
Во состав на македонската владина делегација се Артан Груби – прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска – заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи – заменик на претседателот на Владата за економски прашања, Бојан Маричиќ – заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Славјанка Петровска – министерка за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Никола Тупанчески – министер за правда, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Беким Сали – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за образование и наука, Јована Тренчевска – министерка за труд и социјална политика, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска – министерка за култура, Благој Бочварски -министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање, Адмирим Алити – министер за информатичко општество и администрација, Џемаил Чупи – министер без ресор за дијаспора, Абдулшуќур Абедини – заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Методија Димовски – генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Тахир Хани – заменик-генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Во состав на албанската делегација се Белинда Балуку – заменичка на претседателот на владата на Република Албанија и министер за инфраструктура и енергетика, Нико Пелеши – министер за одбрана, Олта Џачка – министер за Европа и надворешни работи, Делина Ибрахимај – министер за финансии и економија, Бледар Чучи – министер за внатрешни работи, Мирела Кумбаро – министер за туризам и животна средина, Елва Маргарити – министер за култура, Бора Мужаќи – државен министер за младите и децата, Едона Билали – државен министер за заштита на претприемаштвото, Роналдо Ристо – заменик-министер за земјоделство и рурален развој, Улси Мања – министер за правда, Огерта Манастирлиу – министерка за здравство и социјална заштита, Евис Куши – министер за образование и спорт, Милва Економи – државен министер за стандардите на услугите, Елиса Спиропали – државен министер за односите со собранието, Мајлинда Дука – државен министер и главен преговарач со ЕУ, и Фатос Река – амбасадор на Република Албанија во Република Северна Македонија.
По официјалниот пречек, премиерите Ковачевски и Рама ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следува меѓувладината седница, на која двајцата премиери, Ковачевски и Рама, ќе имаат воведни обраќања по што ќе следува дискусија помеѓу владините делегации на двете држави.
Воедно, на денешната седница ќе бидат потпишани договори и меморандуми помеѓу министрите на двете држави, кои се однесуваат на зацврстување на соработката во повеќе сегменти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Исчистен сметот во населбата Пролет, создаваме поубав и поуреден Центар
Општина Центар, денеска ги исчисти јавните површини во населбата Пролет како важен чекор за создавање на почисто и поубаво опкружување за сите центарци.
Герасимовски, потенцираше дека во акцијата за чистење активирана е целата механизација на општината со вредните хигиеничари кои секој ден работат во две смени.
„Во текот на денешниот ден, го подигнавме сметот и ги исчистивме улиците во населбата Пролет. Решавањето на комунални проблеми се еден од нашите приоритети за работа. Центар мора да биде пример за чистота, не смееме да дозволиме жителите секое утро кога одат на работа и училиште да гледаат контејнери преполни со неисчистен смет. Апелирам до граѓаните да пријавуваат смет и диви депонии, брзо реагираме и ги решаваме проблемите. Продолжуваме со акцијата во сите населби во Центар, создаваме поубава и поуредна општина за сите нас“, вели Герасимовски.
Македонија
Божиновска од Атина: Македонија не е повеќе пасивен набљудувач, инвестираме и градиме независен енергетски систем кој ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион
Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, учествуваше на Енергетскиот самит во Атина, Грција, каде што беше говорник на панелот со наслов „Енергетската голема игра – Геополитика и глобалниот енергетски пазар“.
Во своето обраќање Божиновска истакна дека енергијата не е само економски сектор, туку и стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Таа нагласи дека Македонија, како земја на крстопатот на Југоисточна Европа, се соочува со предизвици и можности во контекст на глобалните енергетски промени.
„Енергијата веќе не е само економски сектор – таа е стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Глобалните енергетски промени ни покажаа дека ниту една земја не може да си дозволи целосна зависност од надворешни извори. Лидерите на 21 век ќе бидат оние што ќе преземат одлучни чекори за диверзификација на енергетските извори, инвестиции во домашното производство и зајакнување на регионалната соработка. Македонија беше зависна од увоз на енергија, но денес ја менуваме таа приказна. Инвестираме во обновливи извори, градиме модерна енергетска инфраструктура и креираме законска рамка што го привлекува приватниот капитал. Нашата цел не е само стабилно снабдување со енергија – сакаме да бидеме енергетски независна држава и активен чинител на регионалниот пазар на енергија“.
Таа ги презентираше напорите на земјата за постигнување енергетска независност преку инвестиции во обновливи извори на енергија, како што се соларните проекти „Битола 1“ и „Осломеј 2“ со капацитет од 30 MW, кои ќе произведуваат 46 GWh годишно, доволно за 7.000 домаќинства, со што ќе се намалат 40.000 тони CO₂ емисии годишно. Исто така, таа го спомена и развојот на ветерниот проект во Штип со капацитет од 400 MW.
Божиновска ја потенцираше важноста на регионалната соработка за енергетска безбедност, истакнувајќи ги проектите за интерконекција со Грција, со кои земјата не само што ќе заштеди 12 милиони евра годишно, туку и ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион. Таа исто така ги истакна законодавните реформи во енергетскиот сектор, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика, усогласен со директивите на ЕУ, и Законот за обновливи извори на енергија, кој отвора можности за батериско складирање, децентрализирано производство на енергија и интеграција на паметни мрежи.
Министерката ја заврши својата презентација со повик за заедничка работа и партнерство за изградба на енергетски безбедна Европа и одржлив свет.
Енергетскиот самит во Атина е водечка конференција во енергетската индустрија,
Енергетскиот самит (Athens Energy Summit) се одржува по 14 пат, традиционално ги обединува глобалните лидери за дискусија на критични прашања поврзани со енергијата и нејзината иднина.
Божиновска, на маргините на Самитот во Атина, оствари и билатерални средби со министерот за животна средина и енергија на Грција, Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, Џорџ Папанастасиу.
Фокусот на разговорите беше важноста на меѓународната соработка за забрзување на енергетската транзиција, продлабочување на соработката во областа на обновливите извори на енергија, со акцент на примената на батериски системи, моделите за субвенции за домаќинства што инвестираат во фотоволтаици и размена на искуства во енергетската регулатива.
Министерот Папанастасиу ја покани министерката Божиновска во официјална посета на Кипар, со цел продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор. Во знак на партнерство, министерката Божиновска возврати со покана, со цел продолжување на дијалогот и конкретизирање на идните заеднички проекти.
Министрите ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на партнерството во клучни енергетски проекти од регионално значење.
Македонија
СДС и Кузеска се фабрика за лажни вести, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС секојдневно се повеќе тоне во сопственото политичко мочуриште. СДС е фабрика за лажни вести, а освен што лаже и манипулира, злоупотребува и податоци со доверлива содржина, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако на прес-конференција од страна на Богданка Кузеска од СДСМ беше посочено дека континуирано се назначуваат роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, се вработуваат под државна капа, на грбот на граѓаните.
„СДС и Кузеска манипулираат со јавноста. Работните места во Агенцијата за национална безбедност се класифицирана информација, а информациите кои Кузеска ги сподели се лажни. Кузеска пред да почне да лаже и обвинува треба да знае дека Љупчо Андоновски како советник на Претседателот на Владата има повеќе од 35 години работно искуство на највисоките позиции кои се однесуваат на безбедноста на државата“, велат од партијата на власт.
За разлика од СДС и Кузеска кои ја уништија и уназадија државата, како што појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски бил вклучен во најзначајните моменти за градењето на независна и самостојна Македонија, од 1991вата, 2001вата, но и етаблирањето на македонските безбедносни институции.
„Андоновски е квалификуван, има кредибилитет и е докажан во својата област. Неговиот бекграунд доволно говори за неговите достигнувања.
Андоновски е Магистер на науки е од областа на безбедноста, со специјалност на меѓународната соработка во спречувањето на транснационалниот тероризам, признат и респектиран од сите стратешки партнери на Македонија“, истакнуваат во информацијата од партијата на Мицкоски.