Македонија
СЈО истражува криминал при купопродажбата на акциите на „Фершпед“
Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка за купопродажбата на акциите на „Фершпед“ од 2013 година, кога повеќе акционери пријавија дека се измамени, дознава „Макфакс“.
Обвинителството за организиран криминал во два наврати (јануари и октомври) му предало на СЈО неколку предмети, од кои едниот е поврзан со овој случај. Од СЈО за „Макфакс“ потврдија дека презеле повеќе предмети од скопското и од Обвинителството за организиран криминал, но не откриваат детали поради тајноста на предистрагата. Неофицијално, предметите се поврзани со проширувањето на истрагата за случајот „Империја“.
Според информации на „Макфакс“, станува збор за предмети кои се поврзани со масовниот откуп на акции во „Фершпед“ од времето кога имаше борба за доминација во сопственичкиот удел меѓу ексгенералниот менаџер на компанијата, Штерјо Наков и неговата заменичка Кираца Трајковска, која беше потпретседателка на надзорниот одбор.
Стотина акционери во кривичната пријава до обвинителството од 2013 година тврдеа дека биле измамени за да ги продадат нивните акции на странски инвеститор. Според нивните тогашни тврдења, во бланко-договорите, на една од страниците, потпишале документ со кој му издале полномошно на брокер, кој ја искористил можноста и им ги резервирал акциите во време кога Наков и Трајковска се бореа за доминација во сопственоста.
Акционерите тврдеа дека биле изманипулирани да се согласат на блок-трансакција во вредност од 5.750 евра за акција, а подоцна, наместо да им бидат исплатени парите, акциите им биле замрзнати.
Десетина акционери тогаш поднесоа кривична пријава во Основното јавно обвинителство во Скопје против еден од сопствениците на брокерската куќа, против Кираца Трајковска и брокерската куќа, како и против непознат сторител, односно странскиот купувач. Обвинителот од скопското обвинителство, Артан Ајро, кој сега е дел од специјалното јавно обвинителство, ја отфрлил кривичната пријава како неоснована. Тој проценил дека акционерите самостојно се впуштиле во преговори со Трајковска и со брокерот и дека пријавените немале намера да ги доведат акционерите во заблуда.
Но, Вишото јавно обвинителство им ја уважило жалбата на акционерите со насоки дека не може да се отфрли кривичната пријава, без да бидат сослушани нивните изјави.
Поврзувањето на истрагата „Империја“ со предистрагата за купопродажбата на акциите во „Фершед“, засега е нејасна, но, најверојатно станува збор за заложените акции во „Стопанска банка“ од Битола, која во јавноста се поврзуваше со името на бизнисменот Орце Камчев. Дополнително, пријавениот брокер бил претседател на одборот директори на ЗК Пелагонија, фирма, која, исто така, се поврзува со името на Орце Камчев, кој е во триесетдневен притвор на барање на СЈО. Ова обвинителство побарало помош и од финансиската полиција за случајот „Империја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Неколку скопски општини утре ќе останат без струја
Без електрична енергија утре од 07:00 до 16:00 часот ќе останат дел од корисниците во населените места Волково и Кучково, општина Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, прекинот е поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа.
Македонија
Филипче: Почитта кон работниците ја преточивме во подобри права и повисоки плати
Меѓународниот ден на трудот 1 Мај Д-р Венко Филипче го поминува во Дојран од каде испрати порака дека работничкиот труд, солидарност и истрајност треба високо да се ценат. Како носител на листа во Изборната единица 4 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина Филипче потсети на најтешките времиња и најголемите кризи кога во прашање беше здравјето на граѓаните и егзистенцијата на семејствата.
„Влогот на работниците нивниот труд, солидарност и истрајност најмногу го почувствувавме во најтешките времиња. И не го заборавивме. Го вреднуваме и унапредуваме. СДСМ е партијата која обезбеди повисока минимална плата за работниците и постави методологија за сигурен и континуиран раст што денес резултира со минимална плата од 22.500 денари. Тоа беше незамисливо до пред само седум години. И продолжуваме. Си поставивме цел за минимална плата од 600 евра и просечна плата од 1.100 евра во новиот мандат. Работниците се двигатели на секоја економија во секоја држава. Затоа не се откажуваме од унапредување на работничките права, растот на платите и обезбедувањето подобро платени работни места“, порача Филипче од Дојран.
Д-р Венко Филипче на денешниот меѓународен ден на трудот потсети дека за седум години просечната плата од 22.000 денари денес е зголемена на близу 40.000 денари, а минималната плата од 8.000 денари денеска изнесува речиси 23.000 денари. Тој зборуваше и за невработеноста која од 25% во 2016 година е преполовена на 12,8 %, дека е зголемен животниот стандард и куповна моќ за цели 35% како и тоа дека недела е ден на семејството и е неработен ден.
Грижејќи се за граѓаните Филипче не изуми и на антикризните мерки и обезбедените 2,6 милијарди евра за поддршка на граѓаните и стопанството со што беше заштитен животниот стандард и достоинството на граѓаните, но и зачувани работните места.
Д-р Филипче од Дојран зборуваше и следниот мандат кој предвидува програма за млади во која младите до 26 години ќе добиваат по 200 евра за прво вработување, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра. Д-р Филипче се осврна и на растот на платите на здравствените работници во следниот мандат.
„Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари. Само во земјава од цел регион имаше реален раст на плата за време на кризата. Доколку повторно ја добиеме вашата доверба во наредните четири години ќе обезбедиме европски и достоинствен животен стандард за граѓаните. Нека е за многу години денот, Честит 1 Мај, ние ќе продолжиме во духот на социјалдемократијата да го почитуваме и цениме трудот на секој работник“, порача Филипче.
Македонија
Битиќи: СДСМ е партија која се води од социјална правда, еднаквост и солидарност
„Гласот за број еден, за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, е глас за поголеми плати и унапредени работнички права. Седум години градиме економска атмосфера на постојан раст на платите, да не дозволиме ова да биде загрозено – работниците и работничките тоа не го заслужуваат“, им порача на сопартијците Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници во Изборна единица 2, на денешниот Првомајски пикник кој беше организиран од партијата во Градскиот парк во Скопје.
„Двојно ја зголемивме просечната плата од 2016 година, денес таа изнесува речиси 40.000 денари. Минималната плата не ја оставивме на егзистенцијалниот минимум, на кој ја затекнавме во 2016, кога изнесуваше 10.000 денари, сега таа изнесува 22.500 денари. Знаеме дека треба уште повеќе, затоа ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра во наредните четири години. Ова е добриот глас кој треба да го ширите до секој човек, во секое село и град“, порача до членовите на СДСМ потпретседателот Битиќи.
Тој истакна дека СДСМ е силна партија и денешниот Ден на трудот треба да биде дополнителна мотивација за поголемо заедништво во пресрет на денот на изборите на 8 – мај и продолжување на битката за европска Македонија.
„Не смееме да се откажеме, социјалдемократијата не обврзува да водиме грижа за секое работно место, за достоинствена плата. Никој друг, само ние, социјалдемократите можеме тоа да го понудиме на граѓаните со програмата каде работникот е на прво место. Никој да не биде изоставен од економските успеси, што значи повисоки плати и пензии, поголема куповна моќ и подобар квалитет на животот. Ќе се погрижиме секое домаќинство да ужива во сигурна финансиска иднина, со поголем пристап до услуги и можности“, рече Битиќи.
Потпретседателот на партијата посочи дека СДСМ е партија која се води од социјална правда, еднаквост и солидарност и секогаш е на страната на работниците, го почитува и вреднува нивниот труд.