Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Автомобил удри во велосипедист од Струмица, тој е тешко повреден
Вчера на булеварот Ленинова во Струмица, автомобил „сеат кордоба“ со струмички регистарски ознаки, управуван од Д.Г.(33) од селото Радичево, општина Василево, удрило во велосипед управуван од В.Е.(54) од селото Сачево.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Медицинскиот центар Струмица.
Извршен е увид.
Топ
Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир
Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР.
Несреќата се случи вчера во 18.40 минути, на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје.
Како што претходно беше објавено, автомобил „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 19-годишната А.Џ., удрил во жената, која од здобиените повреди починала на местото на настанот, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Девојката којашто управувала со возилото се здобила со телесни повреди констатирани во Градската општа болница „8 Септември“.
По наредба на јавен обвинител телото на почината било дадено на обдукција.
Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Уапсен 37-годишник од Богданци, шверцувал мигранти од Сирија
Вчера во 07.15 часот на околу еден километар од тунелите Демир Капија, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода, 37-годишниот Д.П. од Богданци.
Во близина на возилото „ауди а6“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 10 лица мигранти од Сирија. Претходно, тој бил забележан на автопатот „Пријателство“ после клучката Демир Капија, во правец на Гевгелија, како со возилото ги превезува мигрантите. По преземени мерки и активности, возилото и мигрантите биле пронајдени.
Мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија, а Д.П. бил задржан во Полициската станица Неготино и против него, по брза постапка, е поднесена кривична пријава по член 418 – б од Кривичниот законик, а од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Д.П. е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.