Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец со туѓа изгубена картичка плаќал во продавници, поднесена пријава
Полицијата во Кичево поднесе кривична пријава против Ќ.И. (47) од скопското село Палиград, поради сомнение дека сторил кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според полицијата, на 09.10.2025 тој неовластено ја искористил изгубената платежна картичка на лице од Кичево и во два наврати извршил наплата во продажни објекти во градот.
По преземени мерки, бил пронајден и приведен во полициската станица.
Црна хроника
Жена ограбена пред банкомат во Дебар, осомничениот приведен
Полицијата во Дебар поднесе кривична пријава против К.М. (23) од селото Могорче, поради сомнение дека сторил кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“.
Според полицијата, на 19.11.2025 тој забележал жена од Дебар како подига пари од банкомат, по што насилно ѝ ги одзел парите и избегал. Набрзо бил пронајден и приведен во полициската станица.
Црна хроника
Сопственик на продавница во Дебарца не им дозволувал на инспекторите да влезат во контрола, повикана полиција
Во полицијата вчера било пријавено дека во селото Белчишта, општина Дебрца, 51-годишниот Г.С. спречил претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство да извршат вонреден надзор во неговиот продажен објект.
Инспекторите побарале полициска асистенција, по што биле преземени службени мерки и разговори со сопственикот.
По интервенцијата, тој им овозможил на инспекторите да ја извршат контролата.

