Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Обвинение за шест лица за фалсификување пари

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт против шест лица за кои постои основано сомнение дека како злосторничка група, организирана од првоосомничениот, сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На пет лица им се става на товар кривичното дело Фалсификување пари, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
„Од крајот на 2023 година до февруари 2025 година првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во РСрбија. Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти – евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во РСрбија по цена од 25-30% од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година 114.150 лажни евра групата ги продала за 42.400 евра.
Со обвинителниот акт обвинителството бара и продолжување на мерката притвор.
Црна хроника
Приведен прилепчанец: возел под дејство на алкохол

Вчера во 14:00 часот на бул.„Гоце Делчев” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода С.Ѓ.(52) од с.Воѓани, прилепско.
При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле возило „тојота” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал С.Ѓ., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,79 промили алкохол во крвта.
Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичен законик- „безобѕирно управување со моторно возило”.
Црна хроника
Превезувал огревно дрво без документација: приведен арачиновец

Синоќа во 22.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ј.Б.(23) од село Арачиново.
При преглед на товарно моторно возило „ивеко“ без регистарски ознаки, кое го управувал, било утврдено дека превезувал огревно дрво без соодветна дозвола.
Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.