Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Бегалец баран со меѓународна потерница приведен на ГП „Блато”

На граничниот премин „Блато” на македонско – албанската граница кај Дебар, приведен е албански државјанин баран со потерница од Интерпол Италија.
-Синоќа, во 22.05 часот на Граничен премин „Блато”, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Џ.С.(29) од Република Албанија. При гранична проверка е констатирано дека се бара од Интерпол Италија, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.
Додаде дека лицето Џ.С. е предадено во полициската станица Дебар за понатамошна постапка.
Во рамки на засилените контроли на овој премин, на кој за неколкупати е зголемена фреквенцијата на патници и возила, пред два дена беше приведен албански државјанин баран од Интерпол Норвешка.
Димоски, исто така информираше дека вчера во16 часот во ОВР Дебар е пријавено дека на улица „Веби Дибра“ во Дебар, Р.Ф.(52) од Дебар го нарушила јавниот ред и мир со физички напад врз И.П.(41) од Скопје. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Ќерка ја тепала мајката во семејниот дом во населба Илинден

Вчера во 16.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ја привеле А.Р.(43) од село во општина Илинден затоа што во семејниот дом агресивно се однесувала и физички ја нападнала својата мајка.
По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Ја тепал сопругата со која се разведувал

Вчера во 22.20 часот, полициски службеници од полициската станица Виница го лишиле од слобода Г.Ј.(40) од Виничко, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 32-годишна сопруга со која е во бракоразводна парница.
Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.