Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведен маж кај Македонска Каменица: возел пијан и излетал од патот

Денеска, околу 02.30 часот на локалниот пат Македонска Каменица- село Дулица, полициски службеници од ПО БПС Делчево го лишија од слобода 65-годишниот М.М. од село Дулица.
Тој управувајќи патничко возило „тико“, излетал од коловозот, а при извршениот увид утврдено е дека бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1.75 промили алкохол во крвта.
По документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Уапсен возачот кој вчера удри пешак во центарот на Скопје

Вчера во 11.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, патничко возило „пежо 207“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 48-годишниот П.А. од Скопје, удрило во пешакот 65-годишниот К.К. од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а П.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Уапсен полицаец од Гостивар: го украл накитот и парите запленети при претреси, кои требало да ги чува, приведен е и златар

Вчера во 17.50 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода полицискиот службеник, 51-годишниот Д.С. од Гостивар, поради основи на сомневање дека сторил кривично дело казниво по член 353 и 354 „злоупотреба на службената положба и овластување“ од КЗ.
Тој, од шкафот во полициската станица, каде чувал предмети одземени при претреси на кои присуствувал како вработен во крим-техника во ПС Гостивар, украл околу 25.000 евра и златен накит вреден околу 50.000 евра.
Увид во објектот на Полициската станица Гостивар извршил јавен обвинител од ОЈО Гостивар, во присуство на увидната екипа и раководството на ОВР Гостивар.
Исто така, во 20.30 часот на улица „18-ти Ноември“ во Гостивар полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода И.Ш.(32) од Гостивар, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело ,,прикривање“ односно вршел откуп на украдениот златен накит.
По добиена судска наредба, биле извршени претреси во домови и помошни простории на Д.С. и И.Ш., при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичните дела. Двајцата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, против нив ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.