Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесетгодишник со маска и пиштол се обидел да ограби канцеларија за кредити во Битола
Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
„Осомничениот 72-годишник, на 15 јануари, влегол маскиран во канцеларија за кредитирање на улицата „Прилепска” во Битола и со употреба на сила се обидел да одземе парични средства со намера противправно да ги присвои. Со хебла во едната рака и огнено оружје – пиштол во другата, тој се заканил на вработената и побарал од неа да ги стави парите во торбичка што и ја подал. Таа одбила по што ја удрил неколку пати со хеблата по раката и телото. Оштетената избегала надвор од објектот, по што и осомничениот го напуштил местото“, велат од Обвинителството.
Разбојништвото се обидел да го изврши со пиштол марка „Црвена застава“ што го држел неовластено.
При претрес во домот каде престојувал било пронајдено оружјето и осум куршуми.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Црна хроника
Прегазен тинејџер во Битола, возачот побегнал
Утрово во 03.26 часот во СВР Битола било пријавено дека на улицата Партизанска во градот, автомобил управуван од непознат возач удрил во 17-годишен пешак од Битола, а потоа го напуштил местото на настанот.
Во несреќата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Клиничката болница Битола.
За настанот бил известен јавен обвинител. Извршен бил увид.
Црна хроника
Автомобили се судрија кај Сарај, повредени се четири лица
Вчера на регионалниот пат Скопје –Тетово, атар на село Дворце, општина Сарај, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Љ.(47) од Скопје и патничко возило „Сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Ф.(62) од село Радуша, скопско.
Во несреќата возачот А.Љ се здобилсо тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ Скопје, додека пак со телесни повреди се здобиле – другиот возач Е.Ф. и неговите две сопатнички Ф.Ф.(55) и А.Ф.(27) двете од село Радуша, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.