Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Сообраќајна несреќа во Прилеп, тешко повреден 16-годишник

Вчера во 15.37 часот во Полициската станица Прилеп е пријавено дека на крстосницата од улицата „Јане Сандански“ со улицата „Стеван Димоски“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „хамачи“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Прилеп и патничко возило „шкода октавија“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 34-годишната С.М. од Прилеп.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Градската болница Прилеп.
Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.
Црна хроника
Рачна бомба од германско производство од Втората светска војна пронајдена во село Дихово

Вчера во 15.15 часот во СВР Битола е пријавено дека во атар на село Дихово, битолско, била пронајдена граната.
Од пиротеничар од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била безбедно подигната и било констатирано дека се работи за рачна бомба од германско производство од Втората светска војна.
Црна хроника
25-годишник од Битола со возило излетал од патот, со тешки повреди се здобил сопатникот

Вчера во 18.05 часот во СВР Битола е пријавено дека на магистрален пат Битола – Прилеп, во близина на надвозникот со село Долно Српци, општина Могила, патничко возило „пежо“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот Д.К. од Битола, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот В.К.(61) од Битола, констатирани во Клиничка болница Битола.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.