Домашен
Цеље е во форма но Вардар мора да победи
Ракометарите на Вардар продолжуваа со настапите во Лигата на шампионите, нивен противник во седмото коло ќе биде Цеље. Словенечкиот преставник ќе гостува во Скопје во еден чувствителен момент, по двата порази на Вардар од Веспрем и во ситуалција кога ‘црвено-црните’ имаат големи проблеми со повредени играчи.
„Многу важен натпревар за нас, бидејќи се наоѓаме во тешка група. Наша цел и пред почетокот на натпреварите беше да ги добиеме натпреварите на домашен терен. Јасно ни е дека Веспрем е недостижен на првата позиција, наша цел е второто место. „Цеље во изминатиот период игра во добра форма, со пет гола разлика го победија Рајн Некар и не само што победија туку демонстрираа добра играта и во нападот и во одбраната. Особено беа добри во контранападите. Имаат одличен среден бек кој знае како да ги разигра соиграчите“, рече тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.Шпанскиот стратег посочи дека неговите играчи ќе мора да ја спречат брзата транзиција на противникот, само така според него може да се победи Цеље. Шпанецот има многу проблеми со повредени играчи и тоа во пресрет на натпреврот му задава најмногу главоболки. Еден од оние чии настап е неизвесен е и поранешниот играч на Цеље, Матијаж Брумен. „Ние мора да го добиеме овој натпревар, не знам како, но едноставно мора да победиме. Не сме во добра форма, имаме проблеми со повредите, сепак ние сме фаворити на домашен терен. Цеље од друга страна е во подем на формата, но мислам дека не можат да не изненадат, добро се познаваме, а секако дека имаат помалку искуство од нас. Свесни сме што значи победа на овој меч и на следниот во Русија, ќе си го отвориме патот кон второто место“, рече словенечкиот интернационалец. Брумен има повреда на рамото, измината недела тренираше со намален интензитет, но самиот се надева дека откако ќе му биде извршена уште една екарска контрола дека ќе добие дозвола да игра в сабота.Покрај Брумен на листата на повредени кај Вардар се уште Петриќ, Лацковиќ, Стоилов и Горбок, за кого тренерот Гонзалес рече дека големи се шансите да биде на теренот против Цеље.Натпреварот Вардар-Цеље ќе се одигра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот. Првото соочување на овие два тима, пред два месеци, донесе вистинска драма, а како победник излезе Вардар (27:26). крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.