Домашен
Обрван задоволен од играта
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Ивица Обрван и покрај поразот од Хрватска (26:29) по мечот беше задоволен од играта на неговите избраници. Неговиот колега од спротивната страна Славко Голужа, исто така, искажа задоволство од тоа како неговите играчи одговориле на предизвикот.
„Видливо е дека Хрватска го подигна нивото на играта. Надворешната линија и Чупиќ од крило постигнаа многу голови. Честитки до играчите кои одиграа добар меч против една одлична и висока одбрана. Имавме одличен старт, но не беше лесно да се издржи таквото темпо. Првото полувреме беше егал, но во второто направивме премногу грешки и дозволивме противникот да направи разлика од три до пет гола, која со оглед на искуството успеаја да ја одржат“, изјави по мечот македонскиот селектор.Македонија в петок против Австрија ќе игра за втората позиција во групата, додека Хрватска го обезбеди првото место. За втората позиција на Македонија ќе и’ биде доволен и еден бод.„За два дена не очекува тежок меч против Австрија. На Хрватска и посакувам да биде светски првак. Јас генерално сум задоволен од мојата репрезентација. Покажавме карактер, но не реализиравме чисти шанси, промашувавме зицери, но и тоа е добра школа за во иднина. Се надевам дека ќе успееме да се регенерираме и дека ќе одиграме добар меч против Австрија“, дополни Обрван.„На почетокот на мечот влеговме нервозно што е и нормално. Не беше лесно да се стигне противникот. Го засиливме ритамот во одбраната и од тој момент започнавме да го контролираме натпреварот. Во вториот дел се договоривме да ја затвориме линијата и да излеземе на Лазаров. Алиловиќ беше на потребното ниво, што донесе брза транзиција. Мислам дека заслужено победивме“, рекол хрватскиот селектор Голужа, чија репрезентација во последното коло ќе игра против Босна и Херцеговина./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.