Домашен
Олимпијците заминаа за Рио де Жанеиро
Подобрување на личните и државните рекорди е целта на македонските спортисти кои ќе настапат на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Македонија во Рио ќе ја преставуваат пливачите Марко Блажевски и Анастасија Богдановски, џудистката Катерина Николоска, стрелачката Нина Балабан и атлетичарите Дрита Исљами и Ристе Пандев. Четиринаестчлената македонска експедиција во Рио покрај спортистите ја дополнуваат нивните тренери, односно Владимир Богоевски (спортски директор на МОК) и докторот Зоран Ханџиски. Во Бразил ќе патуваат и првиот човек на МОК и генералниот секретар Васил Тупурковски и Сашо Поповски, но на покана на Интернационалниот олимписки комитет.
„Пресреќен сум што имаме еден ваков ден кога нашите олимпијци одат на Олимпијадата во Рио каде ќе ја преставуваат земјата, ќе ги бранат боите на Македонија, ќе ја преставуваат својата чест. Ние сме дел од олимпиското движење, а овие спортисти сега се дел од олимпиското семејство“, рече на прес конференцијата по повод заминувањето на македонската експедиција за Рио, првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски.
Македонската експедиција за Рио ќе патува без пливачите Марко Блажевски и Анастасија Богдановски, кои заедно со својот тренер во Бразил ќе пристигнат од САД.
Оние кои беа прес конференцијата истакнаа дека имале добри подготовки, дека одат во Рио достојно да ја преставуваат Македонија, а целите им се да соборуваат државни рекорди.
„Завршните подготовки пред заминувањето во Рио го спроведов во Нови Сад, сметам дека сум навистина во добра форма, очекувам ширење на олимписките вредност кои се главна цел на олимпизмот и постигнување на добар резултат“, рече Нина Балабан, која се натпреварува во стрелаштво, воздушна пушка 10 метри и која прва ќе излезе на борилиштата во Рио од македонските спортисти. Балабан ќе настапи веднаш по отворањето на ОИ, односно на 6.август.
„Последните осум-девет дена се подготвував во Охрид, подготвена сум да истрчам нов државен рекорд, што би било веќе трет пат годинава. Исто така доколку истрчам државен рекорд ќе имам исполнета норма за настап на европското првенство за атлетичари до 23 години, кое наредната година ќе се одржи во Полска“, рече Дрита Исљами, која ќе трча на 400 метри со пречки, а која настапот ќе го има на 15.август.
Катерина Николовска ќе се натпреварува во џудо, категорија 63 килограми. Таа влегува во историјата на македонскиот олимпизам бидејќи е првата која ќе ги брани националните бои во овој спорт.
„За олимпијадата се подготвував во Прага и во Хрватска, пред неколку денови се вратив во Македонија. Од мојот настап очекувам да биде максимално концентриран, да пружам борба до последната секунда. Со добра ждрепка очекувам и добар пласман“, рече Николовска, која на борилиштето првиот настап ќе го има на 9.август.
„За оваа олимпијада тренирав во Швајцарија, добро се подготвив. Подготвен сум да поставам нов државен рекорд, се надевам дека ќе имам добра настап“, рече спринтерот Ристе Пандев, кој во квалификациите на 100 метри ќе настапи на 13.август.
Пливачите Блажевски и Богдановски своите квалификациски трки на 200 метри мешано, односно 200 метри слободно ќе ги имаат на 10.август (Блажевски) и 15.август (Богдановски).
Покрај спортската експедиција, Македонија во Рио де Жанеиро ќе ја преставуваат и тројца судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов во ракомет и Зоран Поповски во тенис, како и делегатот на ИХФ Драган Начевски.
Олимписките игри во Рио де Жанеиро ќе се одржуваат од 5. до 21.август, а на церемонијата на отворањето македонското знаме ќе го носи Анастасија Богдановски. крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.