Домашен
Полска 2016: Ден „Д“ за Македонија, Србите останаа без еден голман
Македонија и Србија во меѓусебен дуел (вторник 18:15) ќе решаваат која од двете селекции покрај Франција и Полска, од А групата, ќе мине во наредната фаза на 12-то Европско првенство во ракомет.
Двете селекции, во првите две кола забележаа порази во дуелите со Франција, односно Полска. Македонија од Франција загуби со 23:30, а од Полска со 23:24, додека Србите запишаа пораз од Полска 28:29, а потоа загубија убедливо од Франција 26:36. Во пресрет на овој дуел Македонија е во нешто подобра положба, бидејќи поради гол разликата, во наредната фаза може да се пласира и со нерешен резултат. „Репрезентацијата на Србија се покажа во светло издание во овие два натпревари, покажаа борбеност и мотивираност. Затоа Србија е репрезентација која ветува блескава иднина. Мислам дека за разлика од нив сме малку поискусни, малку повеќе време играме заедно и тука ја гледам нашата шанса за овој натпревар. Не знам како би не изненадиле тактички, видовме дека се доста агресивни, доста се борбени. Во секој случај ќе биде тврд натпревар, натпревар на „нож”, со многу дуели, со многу фаули и со многу исклучувања. Мораме да се подготвиме психички добро и да знаеме во секој момент во мечот што треба да правиме“, вели капитенот на Македонија Кире Лазаров.Селекторот Ивица Обрван за мечот со Србија повторно ќе направи една измена во составот, од трибините натпреварот ќе го следи Никола Макроски, додека во тимот се враќа Жарко Пешевски.Србите од друга страна се соочуваат со голем проблем, откако ден пред натпреварот вториот голман Славиша Ѓукановиќ самоиницијативно си заминал од тимот. Ѓукановиќ на социјалните мрежи објави дека никако не можел да се вклопи со првиот голман Дарко Станиќ, но и дека не можел да го трпи неодговорното однесување на некои поединци.Од друга страна српските репрезентативци во заедничко соопштение го осудија однесувањето на голманот и негираат дека во репрезентацијата владее неодговорна и лоша атмосфера. Инаку Ѓукановиќ на ваков чекор се решил откако селекторот Дејан Периќ му соопштил дека покрај Станиќ за натпреварот со Македонија како втор голман во составот ќе биде Драган Марјанац. крај/мф/нц
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.