Домашен
Тесен пораз на Атланта, Антиќ го промаши последниот шут
Кошаркарите на ЛА Лејкерс против Атланта ја прекинаа низата од четири порази. Лејкерси на гостински терен славеа со 114:109 и ја забележаа само втората победа во 11-от натпревар сезонава, од друга страна Атланта со вториот последовен пораз стигна до скор од пет победи и исто толку порази.
Македонскиот интернационалец Перо Антиќ на теренот против Лејкерси мина нешто помалку од 18 минути, во статистиката тој запиша четири поени и осум скока. Антиќ ги промаши сите четири удари за три поени, вклучувајќи го и клучниот во последната минута, кога можеше да го врати својот тим во игра за победа.
Пол Милсап со 29 поени, Џеф Тиг со 23 поени, односно Ал Хорфорд со 15 поени и 9 скока беа најефикасните играчи на Атланта.
Натпреварот во „Филипс арена“ мина во знакот на Коби Брајант, тој постигна 28 поени со што ја мина границата од 32.000 постигнати поени во кариерата. Во победата на Лејкерси уште се истакнаа Карлос Бузер (20 поени, 10 скока), Џордан Хил (18 поени, 11 скока), Џереми Лин (15 поени, 10 асистенции).
Милвоки, тимот кој го имаше најлошиот резултат во минатата сезона, по 11 натпревари во новото првенство има скор од шест победи и пет порази. Шестата победа Бакси ја забележаа против Њујорк (117:113). Ерсан Иљасова постигна 20 поени за 20 минути, а Заза Пачулија имаше 14 поени и 13 скокови, додека Њујорк го предводеа Кармело Ентони со 26 поени, 6 скока, 5 асистенции и Тим хардавеј Јуниор со 24 поени.
Јута ја надополни негативата од 17 поени и успеа да ја совлада Оклахома со 98:91. Алек Брукс го одигра натпреварот на кариерата (20 поени, 14 скокови), додека турскиот репрезентативец Енес Кантер имаше учинок од 16 поени и 15 скокови. Оклахома без Дурент и Вестбрук има скор од три победи и девет порази.
Њу Орлеанс победи во Сакраменто со 100:106, а тимот го предводеше Рајан Андерсон кој 15 од своите 22 поени постигна во второто полувреме. Најефикасен кај Њу орлеанс беше Ентони Дејвис со 28 поени, додека кај Сакраменто се истакна Демаркус Казанс со 24 поени и 17 скокови. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.