Домашен
Вардар преку ПИК Сегед до втората победа во ЛШ
Вардар славеше над ПИК Сегед со 27:23 (11:11) во второто коло во Б групата во Лигата на шампионите.
Македонскиот шампион имаше проблеми во нападот во првото полувреме, поради што тој дел заврши нерешено со 11:11. Во вториот дел Вардар ги намали техничките грешки во нападот, а одбраната на чело со Штербик потоа му го трасираше патот до победата.
Арпад Штербик со 15 интервенции и на овој меч беше предводникот на Вардар. Стрелците ги предводеше Карачиќ со пет голови, а по четири постигнаа Циндриќ, Душебаев и Дибиров.
Добро отворање на мечот имаше Вардар, по воведните 2:0, стигна и до три гола предност најпрвин 6:3, а потоа и 7:4 на истекот од 14.минута.
Потоа следуваше неверојатен пад на играта на Вардар, пред се во нападот, каде тешко се справуваше со зоната 5-1 на ПИК Сегед, се редеа технички грешки, Сеира на голот на противникот одбрани неколку зицери и Унгарците во 23.минута стигнаа до првото водство на мечот 7:8.
Во финишот на полувремето ПИК Сегед имаше и два гола предност (9:11), но во последните 120 секунди од полувремето Цинрдиќ постига два гола за 11:11 по 30 минути игра.
На првиот гол во вториот дел се три ипол минути кога погоди Дибров и му ја врати предноста Вардар, а потоа двете одбрани на Штербик, Карачиќ ги круниса со гол за 14:11, што беше сигнал за тренерот на унгарскиот тим Пастор да побара минута одмор.
Серијата Вардар ја продолжи и по тај аутот на Пастор и во 37 минута Абутовиќ погоди за предност од четири голови (16:12).
Предноста од четири голови донесе стабилност во играта на Вардар, чии играчи со леснотија ја одржуваа разликата во наредните десет минути, а во 48.минута Марсениќ донесе нова максимална предност (22:17).
‘Црвено-црните’ до крајот без проблем ја исконтролираа играта и ја забележаа втората победа сезонава во Б групата.
Во наредното коло, на 4.октомври, Вардар ќе гостува во Шведска кај Кристијанштад.крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.