Контакт

Меѓународен

Реми на Јунајтед и Луверпул

Објавено пред

Во најголемото дерби во англискиот фудбал, Манчестер Јунајтед и Ливерпул на „Олд Трафолд“ ремизираа со резултат 1-1.

dobivaj vesti na viber

Гостите поведоа во 27 минута со голот на Џејмс Милнер од пенал откако Пол Погба играше со рака, а изедначи Златан Ибрахимовиќ во 84 минута.

Јунајтед во првото полувреме имаше две големи шанси, но првата ја промаши Погба при резултат 0-0, а втората Хенрик Мхитаријан кога гостите веќе водеа. Опасно се закани и Ибрахимовиќ од слободен удар, но Симон Мињоле беше подготвен.

Манчестер можеше да изедначи во 55 минута, но Мартиал не ја погоди топката иако беше во одлична позиција. Возвратија гостите во 60 минута, кога непрецизен беше Фирмињо. Далеку подобрата игра во продолжението од мечот домашните ја реализираа со голот во 84 минута. Прво Фелаини со удар со глава ја погоди пречката, а во продолжението од акцијата Ибрахимовиќ исто така со глава ја втурна топката во мрежата.

Манчестерските „црвени ѓаволи“ и ливерпулските „редси“ (црвени) се најтрофејните англиски клубови – Јунајтед, најголемиот дел во ерата на сер Алекс Фергусон, рекордни 20 титули, а Ливерпул има 18 наслови англиски шампион. Трет е Арсенал со 13 титули, а ниту еден други луб нема повеќе од десет титули.

Неделниот беше 50-от нивен дуел откако лигата го носи насловот Премиршип, и во овој период Манчестер Јунајтед оствари 27 победи, а Ливерпул 13 со десет нерешени средби.

Со ова реми Јунајтед ја прекина низата од шест последователни победи, но и ја продолжи серијата без пораз на 12 натпревари, додека Ливерпул е без пораз во последните шест првенствени кола.

На табелата води Челзи со 52 бода, Тотенхем и Ливерпул имаат по 45 бодови, Арсенал е четврти со 44 бодови. Следат Манчестер Сити со 42 и Манчестер Јунајтед со 40 бодови./крај/мф/сн

Меѓународен

Како од Македонија да дојдете до билет за Вимблдон

Објавено пред

Вимблдон, зад сцената

dobivaj vesti na viber

Ако после прочитаниот наслов, веднаш влеговте во „филм“ како сте на Вимблдон, гледате тенис и јадете јагоди со шлаг, пред да продолжите со читањето, најпрвин расчистете со две работи: прво, ако добивањето британска виза ви е невозможна мисија, тогаш овој текст не е наменет за вас. И, второ, веднаш заборавете дека присуството на тенискиот турнир, значи и можност дека ќе најдете начин да купите билет за машкото финале. Во моментов тој чини од 10.000 евра нагоре, но го нема во продажба. Сè помеѓу овие две крајности, е реална опција за секого на светот, па и за било кој Македонец, желен да присуствува и гледа тениски мечеви на Вимблдон.

Но, да тргнеме со ред, додуша, обратен, а тоа е дека имате виза и билет и сте се упатиле кон Лондон. Вообичаено, тенискиот турнир се оддржува секоја година во последната седмица од јуни и првата од јули (но, не и оваа година). Од која год страна да го нападнете Лондон, односно дали кон центарот ќе се приближувате од Хитроу, Гетвик, Лутон или Станстед, прво што ќе ви падне во очи, движејќи се од периферијата кон центарот и Пикадили, е дека и на еден ден пред почеток на турнирот, но и за сите четиринаесет дена додека трае турнирот, во Лондон нема да забележите никаков билборд, реклама или било каква најава, која ќе ви сугерира дека во градот се одржува најстариот и најпрестижен тениски турнир во светот. Од друга страна, на сите страни ќе ве опкружуваат знамиња со бои на виножито, бидејќи периодот кога се одржува тенискиот турнир, се поклопува со т.н. Месец на гордоста. Се чини, како остатокот од светот повеќе да го почитува и е опседнат со турнирот, отколку самиот град кој е домаќин.

Инаку, Вимблдон е населба во Лондон, исто како, на пример, мојата Кисела Вода во Скопје. Дури кога ќе пристигнете во оваа населба, ќе забележите турнирски знамиња, постери, големи жолти тениски топки и убаво декорирани саксии со цвекиња во пурпурна боја, која е карактеристична боја за турнирот. Да, пурпурната, а потоа темно зелената, но не и белата. Сепак, и тука паралелно ќе ги гледате и знамињата на

виножито, па оправдано ќе се прашате: зошто во остатокот на Лондон нема знамиња на Вимблдон, а во Вимблдон има знамиња со боја на виножитото.

Самиот комплекст на тениските игралишта се наоѓа во таканареченото Вимблдонско село, и сите осумнаесет терени се сконцентрирани едни покрај други, а сè заедно е заградено со висока ограда, така што влез внатре во селото е можен само со билет или пропусница. Значи, дојдовме до клучното прашање од почетокот на текстот – како да се набави билет.

Првата можност (која е тешко спроведлива за некого кој живее во Македонија, но не и за Македонец во Лондон) е преку гласачки ливчиња. Тоа значи дека поголемиот дел од билетите ѝ се продаваат на пошироката јавност со јавно гласање што го одржува Ол Ингланд Клубот во јануари секоја година. Апликациите се испраќаат во текот на цел декември. Успешните апликанти се избираат по случаен избор на компјутер и оној кој ќе биде избран има временски рок до кога треба да го купи доделениот билет. Проценките се дека при изборот, за секој билет има по четворица кандидати. Она што е важно да се знае е дека местата и деновите за кои ви се однесува билетот се распределуваат по случаен избор, така што вие плаќате билет, без да знаете за кој ден и кој натпревар се однесува.

Втората можност, која е пореална за тенискиот ентузијаст од Македонија, е да се купи билет за целиот комплекс на Вимблдонското село, што ви овозможува цел ден да ги гледате тениските натпреаври на сите стадиони, освен на оние за кои е потребен посебен билет, а тоа се Централниот терен, Теренот број еден, два, три и четири (иако и за нив организаторот знае дневно да пушти по стотина билети во продажба).

Како и да е, ви остануваат на располагање повеќе од десетина игралишта на кои цел ден можете да гледате тенис, јадете јагоди со шлаг и пиете Пимс (газиран алкохолен пијалок од џин и пунч, привлечен на изглед, но грозен на вкус. Како декорација на чашата, каде обично се става лимета или портокал, на Вимблдон го служат со округло исечено парче краставица. Среќа што е свежа, а не кисела). Таквиот билет во првата седмица чини околу 30 фунти (да, добро прочитавте, околу 35 евра) ако го купите на почеток на денот, а може да падне и на пет фунти(!) ако го платите при крај на денот, кога повеќето мечеви се завршени или се при крај. Во втората седмица овие билети се уште поевтини. Звучи парадоксално, но има логика: иако втората недела се играат поквалитетни натпревари, тогаш нивниот број е многу помал од првите седум

турнирски денови, кога мечевите започнуваат од 11 часот, и се играат до почеток на стемпување, околу 21 часот.

Но, тоа што се ефтини овој вид на билети, значи дека е многу потешко да се дојде до нив. Ако за гласачките ливчиња односот беше четири апликанти за еден билет, овдека проценката слободно може да биде и десетина кандидати за еден билет. За да добијат пристап до овие терени, фановите, вообичаено, треба да чекаат во ред преку ноќ. Најупорните доаѓаат некаде околу 22 часот за изутрината да бидат меѓу првите пред касата.

Чекањето за билети на Вимблдон е претворено во класично кампување, со шатори, полска опрема, вреќи за спиење и тука можете да сретнете луѓе од целиот свет. Локалците ги сметаат за скитници, иако тие го вреднуваат таквото искуство, па, и по цена да не успеат да купат билет. Следната година повторно ќе пробаат. Некои пробуваат и по пет години и се безуспешни.

Оние среќните, кои ќе дојдат до такви целодневни билети и се наоѓаат внатре во Вимблдонското село, имаат можност да купат билети на препродажба за Централниот и Стадионот број еден. Шемата е следна: на гледач кој решил порано да го напушти мечот, неговиот билет се скенира и местото како слободно се става на препродажба до завршување на натпреварот. Цената на таквиот билет е симболична 10-15 фунти, а парите се наменети за хуманитарни цели. За Инстаграм его триповите многу поефтино, отколку што ќе потрошат во некој скопски клуб, за да снимат селфи.

Последната можност да дојдете до билет и тоа за главните терени и за блокбастер мечевите е татко ви да е ЦЕО или член на бордот на Најк, Адидас, Ролекс, Јагуар, Шлезингер, Евиан и други партенри на турнирот, па да ви го даде гратис.

Има уште една опција, многу поблиска за читателите на Макфакс и Топспорт, а тоа е лично да го познаваат авторот на овој текст. Секој мај, акредитираните странски известувачи од Вимблдон добиваат понуда од организаторот да аплицираат за билети за главните терени и доколку барањето им биде одобрено, билетите ќе можат да ги продадат на пријатели. Но, исклучиво по куповна цена. Доколку има заинтересиран, нека ми се обрати во втората половина на наредниот мај. А, до тогаш, нека бара начин како да ја преброди визната бариера.

Од специјалниот известувач од Вимблдон

Ненад Живановски

Прикажи повеќе...

Меѓународен

Фудбалската бајка за Меси заврши со светска титула по пенал-серијата против Франција

Објавено пред

По едно неверојатно драматично финале, Аргентина ја освои својата трета светска титула, победувајќи ја Франција на пенали со 4:2 по неверојатните 120 минути во кои беше 3:3, за Лео Меси, конечно, да ја круниса својата фантастична кариера со најголемиот трофеј во фудбалот.

dobivaj vesti na viber

На моменти на финалето во Доха изгледаше дека Аргентинците не можат да загубат, но Франција секогаш успеваше начин да се врати, предводени од хет-трикот на Килијан Мбапе, за на крајот трофејот да се одлучува во пенал-серијата, каде што Аргентинците беа безмилосни и постигнаа четири гола, додека Кингсли Коман и Орелиен Чуамени не дадоа голови.

Аргентина имаше 2:0 водство по само 36 минути игра, откако Лео Меси со гол од пенал и „џокерот“ Анхел ди Марија ја крунисаа одличната игра и тоталната „блокада“ на Французите. Откако првпат упатија удар на голот на противникот по повеќе од час игра, Французите направија неверојатен камбек – за 95 секунди Килијан Мбапе даде два гола, еден од пенал и еден од игра, за да се отиде во продолженијата. И во продолженијата не недостасуваше драма – Лео Меси го постигна својот втор гол и до трофејот ги делеа 10-тина минути, пред да биде досуден уште еден пенал, кој Мбапе го реализираше за 3:3.

Во пенал-серијата, Мбапе повторно како прв беше прецизен, пред истото да го повтори Меси, но потоа обидот на Коман беше одбранет од Емилијано Мартинез, додека Чуамени шутна покрај голот за славје на Аргентинците.

Прикажи повеќе...

Меѓународен

Утре почнува тенискиот турнир во Вимблдон

Објавено пред

Од специјалниот известувач од Вимблдон

dobivaj vesti na viber

Во понеделник во Лондон започнува 135-то издание на најстариот тениски турнир Вимблдон, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.

За главен фаворит за освојување на третиот овогодишен гренд-слем турнир се смета минатогодишниот победник, Србинот Новак Ѓоковиќ, а, после него, ланскиот финалист, Италијанецот Матео Беретини. Вториот носител на турнирот, и освојувачот на двата овогодишни гренд-слемови, Рафаел Надал, доста е потценет од букмејкерите и се смета за трет кандидидат за победник на турнирот. Својот напад на седмата вимблдонска титула и 21-от гренд-слем, индиректно го најави и Новак Ѓоковиќ во изјавата за Макфакс и Топспорт дека е задоволен како му поминале подготовките, дека тие биле со ист квалитетни како и минатата година и дека се надева дека далеку ќе стигне на турнирот.

Наспроти очекувањата, како и секоја година, можни се изненадувања и некој од фаворитите да биде елиминиран од послабо рангираните тенисери, особено во првата седмица од мечевите. Таков неславен пример на последните два Вимблдона беше грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој, иако доаѓаше на турнирот рангиран меѓу првите десет тенисер, испаѓаше уште во првото коло. Шанса за успех за тенисерите од сенка да направат изненадување се гледа и во одлуката на организаторот да не им дозволи да настапуваат претставниците од Русија и Белорусија, така што првопласираниот на АТП листата, Русинот Даниел Медведев нема да биде присутен на зелените терени, исто као и второпласираниот, Германецот Александар Зверев, кој, поради повреда во полуфиналето на Роланд Гарос, исто така, ќе биде отсутен. Иако далеку од некогашната форма, своја желба да игра во финалето, најави и миленикот на домашната публика Енди Мареј.

Во женска конкуренција, најмногу шанси ѝ се даваат на првата тенисерка на светот Иги Швојтек од Полска, додека далеку зад неа се шампионката од 2019., Романката (со македонски корени), Симона Халеп и седмократната победничка на Вимблдон, Серана Вилијамс од САД. Женската конкуренција е далеку понепредвидлива од машката, така што можни се непредвидливи мечеви уште од првиот ден, па до самото финале.

Како и минатата година, единствен претставник од С. Македонија ќе биде осумнаесетгодишниот Калин Ивановски, кој ќе настапи во јуниорска конкуренција.

Наградниот фонд оваа година е зголемен на рекордни 40,35 милиони фунти, што е за 11 посто повеќе од 2021., кога тој изнесуваше 38 милиони фунти. Победниците во поединечна машка и женска конкуренција ќе добијат по два милиони фунти (2,35 милиони евра). Паричната награда е и единствеата сатисфакција за играчите, бидејќи оваа година асоцијациите АТП и ВТА нема да доделуваат поени на тенисерите и тенисерките, поради одлука на организаторите на Вимблдон да им забранат учество на натпреварувачите од Русија и Белорусија.

Од најпрестижниот тениски турнир ќе известуваат околу 550 новинари од над 50 земји. Како и на Вимблдон во 2019. и 2021., и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет дена додека се одржува турнирот.

Ненад Живановски

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија7 часа

ДУИ за Балансерот: Тоа е опасен обид за намалување на влијанието на Албанците во јавниот и институционалниот живот на државата

Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на владата со моноетнички легитимитет да ја смени формулата „балансер“ од 29,5%...

Топ9 часа

Пратеници на службените електронски адреси добиле заканувачки пораки

МВР соопшти дека вчера во 13.58 часот во Полициската станица Центар, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.07.2024...

Македонија11 часа

Иселениците повеќе нема да ја одредуваат етничката застапеност во државните институции, сменет е процентот на балансерот

Министерот за јавна администрација, Горн Минчев, објави дека се изменети процентите на балансерот, кој од 2022 година ја броеше и...

Економија12 часа

По 200.000 денари субвенција за занаетчиите за нов алат, машини или нов производ, пријавување до 1 октомври во Економија

Занаетчиите што купиле нов алат, машини или имале нов производ во 2023 и 2024 година ќе може да се пријават...

Македонија13 часа

До декември потешките операции, место во Клинички, ќе се прават во „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“, Таравари најави нов тендер за компресорска станица

Хируршките сали во Клиничкиот центар ќе функционираат со надворешни компресори и со намален интензитет до декември. Ова решение како привремено...

Македонија13 часа

Наместо Скопје, прашина на подножјето на Водно – што се случувало во сеизмолошката станица за време на скопскиот земјотрес

Денес, 26 јули, одбележуваме 61 година од скопскиот катастрофален земјотрес, кој остави длабоки траги во историјата на градот Скопје. Земјотресот...

Македонија14 часа

Амбулантата во Илинден готова до Нова година, ќе почне со општи лекари, а веќе се бараат и интернист, педијатар, гинеколог…

До Нова година ќе биде пуштена во употреба реновираната амбуланта во општина Илинден, која ќе ги опслужува и жителите на...

Македонија15 часа

Телефонот на врховниот судија Георгиев упатува на друго кривично дело – одземени и досиеја при претресот во Академијата за судии

Два мобилни телефона од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја –...

Македонија15 часа

„Вреди“ го прозва Али Ахмети откога СДСМ ја призна грешката за измените на Кривичниот законик

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали ова ќе го направи и Али Ахмети од ДУИ, прашуваат од...

Македонија16 часа

Почвата кај Берово не се смирува: утрово регистриран уште еден земјотрес

Земјотрес од 3,1 степени утрово е регистриран во околината на Пехчево и Берово. Според информациите на Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот се...

Свет17 часа

Камала Харис до Нетанјаху: Ставете крај на војната во Газа

Американскaта потпретседателка Камала Харис, која се очекува да биде кандидат на Демократската партија на претседателските избори во ноември, одржа, како...

Свет17 часа

(Видео) Американска пратеничка со говорна мана одржа говор користејќи глас со вештачка интелигенциј

Американската пратеничка од Вирџинија Џенифер Векстон користеше програма за вештачка интелигенција (АИ) за да се обрати синоќа пред Претставничкиот дом...

Македонија18 часа

Сончево со мала до умерена локална облачност и температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и во...

Топ1 ден

Починато бебе во Богданци: подолг период било хоспитализирано

Вчера во 09.10 часот во СВР Струмица, лекар од Итна медицинска помош Гевгелија пријавил дека во Богданци починало машко бебе....

Топ1 ден

Во канал за наводнување пронајдена почината жена од Кочанско

Денеска во Полициската станица Кочани, К.Ј.(64) пријавил дека во канал за наводнување во близина на с.Оризари, кочанско, ја пронашол удавена...

Македонија1 ден

Мицкоски по апелот на Филипче за нов кривичен законик: Што е со делата што застареа, а граѓаните плаќаат милиони отштета

Премиерот Христијан Мицкоски е согласен да биде донесен нов кривичен законик, кој ќе биде изработен според европските стандарди. Ова беше...

Македонија1 ден

„Нема повеќе евтина храна на државна сметка“ – 50 отсто зголемени цените во владините објекти

Зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти за педесет отсто најави директорот на Службата за општи и заеднички...

Македонија2 дена

Филипче призна дека згрешиле со измените на Кривичниот законик, на Владата ѝ предложи да донесе нов што им бил изготвен пред шест години

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека претходната влада згрешила што ги донела измените на Кривичниот законик, со кој застаруваат...

Македонија2 дена

Таравари и со скратен буџет ќе ги вработува оние со договор на дело: Ќе најдеме решение и тие до крајот на годината да бидат редовно вработени

По одлуките за вработување на специјализантите и дополнувањето на позитивната листа на лекови, кои министерот за здравство, Арбен Таравари, ги...

Македонија2 дена

Гром предизивка пожар во општина Старо Нагоричане

Гром предизвикал пожар на сува трева и шума во село Бајловце, општина Старо Нагоричане, информираа од регионалниот центар за управување...