Спорт
„Мојот најлош тренер“: Кој сè и за кого го кажал ова?
Шпанската јавност со големо внимание го проследи интрвјуто на фудбалерот на Севилја Сусо. За радиото Канал Сур, Сусо зборуваше за аргентинскиот тренер Хорхе Сампаоли и времето поминато на клупата на клубот од Андалузија. Сусо го нарече Сампаоли „најлошиот тренер што некогаш го имал“.Сусо не е првиот, веројатно ниту последниот што ќе каже нешто такво во јавноста за својот тренер.
„Марка“, потсети на ситуациите во кои фудбалерите биле крајно незадоволни и издвои неколку изјави на сличен начин како изјавата на Сусо.
Златан Ибрахимовиќ – Пеп Гвардиола
За време на неговата кариера, Златан ја имаше привилегијата да работи со некои од најдобрите тренери во неговата ера, вклучувајќи го и Жозе Мурињо. Сепак, никогаш не успеа да најде заеднички јазик со Пеп Гвардиола.
Потсетувајќи се на периодот што го мина во Барселона, Ибрахимовиќ изјави:
„Сè зависи од егото на Гвардиола, од него зависи и како Халанд ќе игра за Манчестер сити. Мене и на некои други играчи не ни дозволи да бидеме тоа што сме“.
Никола Анелка – Рејмон Доменек
Анелка не беше олицетворение на стабилност во текот на неговата кариера, но се чини дека беше најнесреќен за време на настапот за француската репрезентација на Светското првенство во Јужна Африка 2010 година. Французите беа елиминирани во групата, а Анелка имаше што да каже за контроверзниот тренер.
„Најмногу ме боли тоа што тренерот не ме искористи на мојата позиција. Ако сакаше играч кој ќе го игра тоа, тогаш не мораше да ме повика“, изјави Никола Анелка.
Сантијаго Кањизарес – Роланд Куман
Холандскиот тренер беше тренер на Валенсија во сезоната 2007/2008, а меѓу стативите на клубот од „Местаља“ беше искусниот Сантијаго Кањизарес, легенда на клубот.
„Лилјаците“ имаа катастрофална сезона, ја завршија на десеттото место на табелата, а шпанскиот голман го критикуваше Куман.
„На тактичко ниво, Куман не можеше да им го даде на играчите тоа што им беше потребно. Исто така, не беше добар на тренинзите и не знаеше да не подготви за натпреварите“, изјави Канизарес, кој тогаш, исто како и Сусо, го нарече Куман „најлошиот тренер што го имал во кариерата“.
Роналдо – Хектор Купер
„Феноменот“ Роналдо мина една сезона под водство на аргентинскиот тренер Хектор Раул Купер, во Интер, но тоа беше доволно Бразилец да развие анимозитет кон Купер.
„Купер беше полош тренер од Капело. Барем Капело има успеси зад себе. Купер? Што освоил тој во кариерата?!“, изјави Роналдо.
Во сезоната под водство на Купер, Роналдо одигра само 16 натпревари и постигна седум гола поради повреди, но потоа се истакна на Светското првенство и го предводеше Бразил до титулата.
Марио Балотели – Роберто Манчини
Не е големо изненадување што свое место на оваа листа се најде и Марио Балотели. Балотели на еден тренинг во Манчестер сити остро тргна кон Скот Синклер, по што беше критикуван од тренерот на тимот Роберто Манчини. Работите отидоа дотаму што се фатиле за гуша, но на крајот успеаја односите да ги врата во нормала.
Уредниците на „Марка“, ги издвоија и конфликтите меѓу Папу Гомез и Џан Пјеро Гасперини во Аталанта, Пеп Гвардиола и Франк Рибери во Баерн и Маурисио Пелегрини и Хуан Роман Рикелме во Вилјареал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Дончиќ и Ирвинг за брејк на Далас против Минесота
Далас Маверикс ја совлада Минесота Тимбервулвс со 108:105 во првиот натпревар од финалето на Западната конференција.
Лука Дончиќ блескаше во „Таргет центарот“ и со 15 поени во четвртата четвртина беше најзаслужен за победата на тимот.
Дончиќ го заврши натпреварот со 33 поени, шест скока и осум асистенции, а имаше и три украдени топки, една блокада и четири загубени топки.
Го следеше одличниот Кајри Ирвинг со 30 поени, пет скока и четири асистенции. Ирвинг 24 поени постигна во првото полувреме.
Кај поразениот тим МекДаниелс постигна 24 поени, Едвардс 19 (6-16), Таунс 16, а Рид 15.
Следниот натпревар се игра ноќта меѓу петок и сабота од 02:30 часот.
Спорт
Депај спогодбено ќе се раздели со Атлетико
Репрезентативецот на Холандија Мемфис Депај по завршувањето на сезоната ќе го напушти Атлетико Мадрид. Шпанците тврдат дека тој се договорил со клубот за спогодбен раскин на договорот.
Депај во Атлетико дојде на сличен начин во јануари 2023 година, кога се раздели со Барселона.
Депај е убеден дека со добри настапи на Европското првенство ќе си ја крене цената и дека повторно ќе може да игра во голем клуб.
Тој постигна девет гола и додаде две асистенции на 31 натпревар оваа сезона, но поради честите повреди не беше прва опција во нападот на Диего Симеоне.
Спорт
Мерцедес нема намера да го ангажира Саинц
Карлос Саинц ќе го загуби своето место во Ферари во 2025 година бидејќи тимот од Маранело го ангажираше Луис Хамилтон. Шпанецот нема голем простор за маневар околу тоа каде ќа ја продолжи кариерата.
Медиумите шпекулираа дека токму тој ќе го замени Хамилтон во Мерцедес, но според последните информации овој тим нема намера да го ангажира Карлос Саинц.
„Скај спортс“, дознава дека Мерцедес не размислуваат да го доведат Шпанецот, не затоа што мислат дека е лош возач, туку затоа што не сакаат да избрзуваат со потпишувањето.
Имено, Крег Слејтер, новинар на „Скај спортс“, во Монте Карло дознал дека Мерцедес сака да види какви опции има со Макс Ферстапен. Доколку тоа е далеку од реализација, а лесно би можело да биде така, Мерцедес би го ангажирал младиот Италијанец Кими Антонели, кој во август ќе наполни 18 години.
Ред Бул исто така не е реална опција за Саинц.
„Скај спортс“, дознава дека Саинц е најблиску до потпис за Ауди, кој ќе влезе во Формула 1 во 2026 година. Тогаш Карлос би добил голема плата од новиот конструктор.