Свет
Иран: Не знаевме за планот на Хамас за 7 октомври
Највисокиот ирански дипломат вели дека Техеран им кажал на САД преку заднински канали дека не сака војната меѓу Израел и Хамас да се прошири, но исто така ги предупреди Американците дека регионален конфликт може да биде неизбежен доколку продолжат нападите на Израел врз Газа.
„Во текот на изминатите 40 дена беа разменети пораки меѓу Иран и САД преку одделот за интереси на САД во швајцарската амбасада во Техеран“, рече министерот за надворешни работи, Хосеин Амирабдолахијан, во интервјуто отфрлајќи ја можноста за директни разговори меѓу двајцата непријатели, пишува ФТ.
„Како одговор на САД“, додаде тој, „рековме дека Иран не сака да ја прошири војната, туку поради пристапот што го усвоија САД и Израел во регионот, ако злосторствата врз луѓето од Газа и Западот брег не запрат, може да се разгледа секоја можност, а поширок конфликт може да се покаже неизбежен“.
Иран, главниот поддржувач на антиизраелските исламистички милитанти во регионот, рече дека немале однапред известување за разорниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, позиција што ја потврдија и американските власти.
Но, западните земји сметаат дека Иран е одговорен за неговата широка поддршка на групите на отпорот против еврејската држава, вклучувајќи ги Хамас и либанскиот Хезболах, кој Иран го гледа како клучен столб на својата безбедносна стратегија.
Иранскиот министер за надворешни работи го обиколи регионот од почетокот на војната во Газа. Тој ги посети Ирак, Сирија, Либан, Турција, Катар и Саудиска Арабија. Тој се сретна и со лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во Доха и со лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Свет
Кремљ: Мешањето на силите на НАТО во украинскиот конфликт – огромна опасност
Режимот во Киев е прилично непредвидлив, интервенцијата на воените сили на НАТО во украинскиот конфликт на теренот претставува огромна опасност, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, Москва ја смета за крајно провокативна петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, во која се апелира да се поканат странски војници во Украина.
„Сметаме дека ова во најмала рака е крајно провокативно и го следиме многу внимателно“, рече Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во интервју за „Економист“ изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина на барање на Киев доколку Русија ја пробие линијата на фронтот. Според него, многу земји од ЕУ се согласиле со мислењето на Париз за ова прашање.
Медиумите претходно објавија и дека Франција испратила војници од својата Легија на странци во Украина, пренесува „Танјуг“.