Европа
„Кога ќе умрам, продајте се, оставете само едно“: животот на Берлускони одбележан со скандали и афери за проституција и корупција
Италијанскиот бизнисмен и политичар Силвио Берлускони е роден во Милано на 29 септември 1936 година, а неговата биографија е полна со скандали, обвинувања за корупција, сексуални афери и контроверзни деловни потфати, пишуваат светските медиуми.
По дипломирањето на Универзитетот во Милано, Берлускони почнал како претприемач во средината на минатиот век, првин во 60-тите години во секторот за недвижности, пред да се сврти кон медиумскиот сектор, телевизиски и издавачки, во 80-тите години.
Тој влезе во политиката во 1994 година со основањето на тогаш движењето „Напред Италија“ („Форца Италија“).
До 1990 година тој имаше повеќе од 150 бизниси, вклучувајќи три телевизиски мрежи и најголемата издавачка куќа во Италија.
Тој беше премиер на Италија во 1994 година, во периодот 2001-2006 година, како и 2008-2011 година, што го прави повоен премиер на Италија со најдолг – деветгодишен мандат.
Соочен со конфликт на интереси и други обвинувања тој поднесе оставка во декември 1994 година. Подоцна беше осуден за измама и корупција, иако пресудите на крајот беа поништени. И покрај обвинувањата и критиките за неговата контрола врз голем дел од италијанските медиуми, тој остана лидер на партијата Напред Италија и повторно стана премиер во 2001 година.
Берлускони беше контролен акционер на „Медијасет“ и сопственик на италијанскиот фудбалски клуб „Милан“ од 1986 до 2017 година.
Презентирајќи ја својата биографија „Епската приказна за милијардерот, кој владееше со Италија“ на новинарот на „Газета“, тој рече дека нема намера да го напушти „Милан“ додека не донесе нови успеси на клубот и опиша колку му значи овој клуб.
„Веќе им кажав на децата дека кога ќе заминам, ако сакаат, може да продадат сè што ќе им оставам. Единствено да не продаваат две работи: мојата куќа во Аркоре и поголемиот дел од сопственоста на „Милан“, рече Берлускони.
На едно место во неговата биографија тој опишува колку детството му било поврзано со „Милан“.
„Вистинската важност на ‘Милан’ ме потсетува на моето детство, на татко ми. Разговаравме речиси секоја вечер кога ќе се вратеше од работа. Во тоа време клубот не беше голем, но јас се идентификував со некои од играчите и сонував за ‘Милан’. Кога ме замолија да го купам ‘Милан’, веднаш помислив на татко ми и решив да го купам клубот“, се вели во книгата за човекот во чија ера „Милан“ петпати ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите и осумпати титулата во Серија А.
Во 2018 година „Форбс“ го рангира Берлускони како 190. најбогат човек во светот со нето-богатство од 8 милијарди американски долари. Девет години претходно, „Форбс“ го рангира на 12-тото место на листата со најмоќни луѓе во светот за неговата доминација во италијанската политика.
На изборите во 2006 година неговата коалиција беше поразена од блокот на левиот центар, предводен од Романо Проди. По оставката на Проди во 2008 година, Берлускони доби трет мандат како премиер. Сепак, низата лични скандали и нестабилната италијанска економија предизвикаа да избледи поддршката на Берлускони и тој поднесе оставка во ноември 2011 година.
Антонио Тајани, кој заедно со Берлускони ја основаа Напред Италија во 1993 година, своевремено изјави дека поранешниот премиер е лидер во сите сфери на животот.
„Берлускони е лидер како претприемач, лидер во фудбалот, како долгогодишен сопственик на ‘Милан’, еден од најважните политичари во историјата на Италија, кој напорно работеше во корист на трансатлантските односи“, рече Тајани.
Политичките достигнувања на поранешниот премиер беа засенети од безброј кривични пријави против него – иако единствената пресуда што не беше поништена во жалбата беше за даночна измама – и неговите озлогласени секс-забави, познати како „бунга бунгас“, на кои често се појавуваа помлади убавици, кои му служеа за неговиот имиџ и напредување во кариерата.
Берлускони е осуден на седум години затвор поради проституција со малолетници за време на организирани забави. Казната е укината во жалбена постапка. Така, пресудата дека платил за секс со малолетна Мароканка, позната како – Руби, крадец на срцето, била поништена, иако потоа се соочил со две обвиненија за поткуп на сведоци за да молчи.
Џовани Орсина, професор на Универзитетот „Луис“ во Рим, верувал дека тој човек никогаш не треба да се потцени.
Советниците на Берлускони наводно му рекле дека е целосно луд кога првпат станал ТВ-тајкун и повторно кога сакал да стане премиер, професорот Орсина вели:
„Тој е човек од кој можеш да го очекуваш невозможното“.
Берлускони зад себе остави пет деца од два брака.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Венеција заработи огромна сума на пари со наплата на влезници во градот за само 11 дена
Новововедениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975 илјади евра во првите 11 дена од пробниот период.
Билетот, кој првпат беше воведен на 25 април, се наплаќа по стандардна цена од пет евра.
Градот објави дека продал вкупно повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата, пренесува Независне новине.
Влезот ќе се наплаќа во повеќето саботи и недели до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители помеѓу 8:30 и 16:00 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Ако не го сторат, може да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.
Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.
Европа
(Видео) Украина уништи моќен руски ракетен лансер
Ракетата TOS-1A LANSER често се нарекува тежок фрлач на пламен поради специфичната термобарична муниција што ја истрелува, која е ефикасна против силно утврдените одбранбени позиции.
The warriors from the 93rd Mechanized Brigade destroyed another "no-analogue" russian TOS-1A Solntsepyok heavy flamethrower system with the use of a night-vision FPV drone. pic.twitter.com/lS22jAGa8o
— Defense of Ukraine (@DefenceU) May 7, 2024
„Војниците од 93-та механизирана бригада уништија уште еден руски тежок пламен фрлач TOS-1A Solntsepyok користејќи беспилотно летало за ноќно гледање FPV“, се вели во објавата на Твитер. Не е наведено кога и каде се случил нападот.
Вредноста на еден таков систем се проценува на 6,5 милиони долари.
Европа
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје на бојното поле, објави Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека наводите се „недоволно потврдени“ со доказите, но во соопштението се додава:
„Ситуацијата останува нестабилна и крајно загрижувачка кога станува збор за потенцијалната употреба на токсични хемикалии како оружје“.
Ниту Русија ниту Украина официјално не побарале од организацијата да ја истражи наводната употреба на хемиско оружје, се вели во соопштението.
Минатата недела, САД соопштија дека Русија ја прекршила меѓународната забрана за употреба на хемиско оружје, која е надгледувана од Организацијата.
Таа, наводно, користела хлоропикрин, моќен пестицид што се користи во земјоделството и е забранет за воена употреба, против украинските трупи и користела хемиски соединенија кои привремено ги онеспособуваат луѓето, како солзавец, „како метод за војување“ во Украина.
Ова следеше по украинските тврдења во април дека Русија ја засилила употребата на солзавец во рововите. Русија ги отфрли обвинувањата, а украинските власти не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар во вторникот.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека ја следат ситуацијата од февруари 2022 година, кога Москва ја нападна Украина. Според Конвенцијата за хемиско оружје, секоја токсична хемикалија што се користи за да предизвика повреда или смрт се смета за хемиско оружје.
Употребата на токсични агенси на бојното поле во војна е против Конвенцијата, соопшти Организацијата за забрана на хемиско оружје. „Доколку се користат како метод на војување, овие агенси се сметаат за хемиско оружје и затоа, според Конвенцијата, тие се забранети“.