Европа
Курц: Самитот во Берлин ќе ја потврди европската перспектива на Западен Балкан
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, изјави дека Западен Балкан е во непосредна близина на Австрија и дека Австрија е многу заинтересирана за стабилноста и европската иднина на тој регион.
„Западен Балкан е регион во непосредна близина на Австрија, со кој сме многу поврзани и економски, и политички и културолошки. Затоа сме многу заинтересирани за стабилноста на Западен Балкан“, рече Курц во пресрет на видеосамитот со лидерите на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, пренесоа австриските агенции.
По покана на германската канцеларка Ангела Меркел, покрај лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, ќе присуствуваат и премиерот на Словенија, како земја што претседава со ЕУ, и претседателот на Франција, Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги и австрискиот канцелар, Курц.
Полски портали објавија дека на собирот ќе учествува и полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
Според иницијаторите, средбите на претставниците на ЕУ со лидерите на Западен Балкан, кои се одржуваат во рамките на Берлинскиот процес од 2014 година, имаат цел да поттикнат стабилност и мирен дијалог во непосредното соседство на ЕУ.
Австрискиот канцелар Курц рече дека покрај средбата за поддршка на европската интеграција на регионот и регионалната соработка, во преден план на средбата ќе бидат и борбата против пандемијата, миграцијата и економската соработка.
„Нашата цел денес е да ја потврдиме европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. „ЕУ ќе биде целосна само кога сите земји од Западен Балкан ќе се приклучат кон неа“, рече Курц, пренесуваат австриските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.