Свет
САД: Прашањето е дали Палестина ќе добие своја држава доколку стане членка на ОН
Советот за безбедност на ОН се очекува утре да гласа за палестинското барање за полноправно членство во ОН и тој потег нема да доведе до решение на израелско-палестинскиот конфликт, изјави денеска американскиот претставник во ОН. Американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, денеска изјави дека не гледа како резолуцијата на ОН, со која се препорачува Палестина да стане полноправна членка на ОН, ќе доведе до решение за израелско-палестинскиот конфликт.
Томас-Гринфилд ова го коментира на прес-конференција во Сеул на прашањето дали САД се подготвени да го признаат барањето на палестинската управа за полноправно членство во ОН. „Не гледаме дека усвојувањето на резолуција на Советот за безбедност нужно ќе доведе до решение со две држави што ќе функционира и ќе напредува“, рече Томас-Гринфилд.
Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден категорично рекол дека Вашингтон го поддржува решението за две држави и работи на негово спроведување што е можно побргу. Се очекува палестинската управа да го поттикне 15-члениот Совет за безбедност да гласа уште утре за нацрт-резолуцијата, со која се препорачува да стане полноправна членка на светската организација, велат дипломатите.
Алжир, член на Советот за безбедност, синоќа испрати нацрт на текстот. Комитетот на Советот за безбедност на ОН, кој го разгледа барањето, „не можеше да даде едногласна препорака“ за тоа дали ги исполнува критериумите, се вели во извештајот на комитетот.
Барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, каде што САД имаат право на вето, а потоа од најмалку две третини од 193-членото Генерално собрание. Не е постигнато многу во постигнувањето на палестинската државност од потпишувањето на договорот од Осло меѓу Израел и палестинската управа во раните 90-ти.
Меѓу пречките е и проширувањето на израелските населби, а израелскиот пратеник во ОН ,Гилад Ердан, вели дека палестинските власти не ги исполниле потребните критериуми. Палестинската управа, на чело со претседателот Махмуд Абас, има ограничена моќ на Западниот Брег. Во 2007 година Хамас ја собори палестинската управа во Појасот Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Свет
Шест лица загинаа во напад на џамија во Авганистан, непознато лице пукало во цивили
Најмалку шест лица загинаа, а едно лице е рането во џамија во авганистанскиот град Андишех во областа Гузара, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Матин Кани.
Тој изјави дека „непознато вооружено лице пукало во цивилни верници во џамијата“ вчера во 21 часот по локално време, пренесува Ал Џезира.
Меѓу убиените е и имамот на џамијата во која се молеле шиитските муслимани.
Ројтерс јавува дека меѓу жртвите има и дете.
Свет
Седум Палестинци загинаа, а 32 се ранети во израелски бомбардирања
Седум Палестинци загинаа, а најмалку 32 се ранети во израелско бомбардирање на блокираниот Појас Газа, јавува дописникот на ВАФА.
Тој рече дека израелските воени авиони извршиле серија воздушни напади врз северните и западните делови на бегалскиот камп Нусејрат, при што загинале четворица Палестинци, а 15 други се ранети.
Тој додаде дека израелски воени авиони извршиле три воздушни напади врз населбата Заитун во Газа, при што загинале три лица, а десет се ранети.
Борбени авиони го нападнаа и градот Џабалија и бегалскиот камп во северниот појас, при што беа повредени седум лица, меѓу кои три деца.
Во меѓувреме, израелската артилерија ги гранатираше бегалските кампови Ал-Буреј и Ал-Магази во централниот појас, населбите Тал ал-Хава, Шеик Ијлин и аз-Зајтун во градот Газа, како и кулата Шеик Зајед во Беит Лахиа.
Во јужната зона, артилерија нападна цивилни куќи во источниот дел на градот Кан Јунес.